Шефови на нафтени концерни пред суд
14 мај 2018Италијанската модна метропола од денеска е сцена за повеќемесечни процеси кои ќе се занимаваат со валканата деловна пракса во индустријата со минерални масла. Обвинителството во Милано ги товари одговорните лица во италијанската фирма Ени, како и на британската Шел дека платиле мито во висина од повеќе милиони евра за лукративна лиценца за вадење нафта во Нигерија. Петнаесет лица, во најголем дел соработници на двете фирми, се осомничени за корупција. Процес не се води само во Италија, туку и во Нигерија, во економската метропола Лагос. Таму организацијата за заштита на човекови права ХЕДА води процес против нафтените концерни. Целта на Хеда е на Шел и Ени да им се одземе лиценцата за добивање нафта. Во двата случаи се работи за настани од 2011. година. Тогаш Шел и Ени уплатиле 1,3 милијарди американски долари на сметка на нигериската влада. Со таа сума двата концерна сакале да си ги обезбедат правата за нафтеното поле ОПЛ245, кое според пресметките на концерните вреди до 3 милијарди долари.
Голем дел на уплатите не отишле во нигерискиот буџет, туку на сметка на фирмата „Малабу нафта и гас“.
Поранешниот министер за енергенси во бегство
Претставници на Нигерија во процес воден во Англија изјавиле дека купувањето на лиценцата во 2011. за огромното нафтено поле била противправна, вели портпаролот на Хеда, Ланре Сурају во интервју за ДВ. Од продажната цена наводно 520 милиони долари биле претворени во кеш и биле користени како мито за политичари. Нигерија како држава на крајот добила само 210 милиони долари. Човекот кој стои зад „Малабу нафта и гас“ е Ден Етете, кој во 1990-те години, за време на владеењето на поранешниот нигериски диктатор Сани Абача, беше министер за нафтени ресурси. На таа функција наводно во 1998. ја добил лиценцата и потоа ја пренел на неговата фирма. Етете во 2007. беше осуден во Франција за нелегални финансиски бизниси. И тој е обвинет пред судот во Милано, но, според Ланре Сурају, е во бегство.
Хеда со процесот сака да изврши посилен притисок врз нигериската влада за да преземе мерки против концерните. „Сакаме актерите во прочуениот Малабу-скандал да ги откриеме бидејќи беа погазени закони и директиви”, вели Сурају. Тој е оптимист дека ќе го добијат процесот и дека ќе дојде до преседан. Судот во Лагос, по едно одржано рочиште, сослушувањето го закажа за 13 јуни.
Нема признание на вина
Во Милано обвинителството му префрла на директорот на Ени, Клаудио Дескалци, и на другите обвинети менаџери на двата концерна дека знаеле оти голем дел од 1,4 милијарди амрикански долари ќе бидат користени како мито. Од нив наводно профитирал и тогашниот нигериски претседател Гудлак Џонатан. Концерните пак ги отфрлаат обвинувањата и велат независни истраги не покажале нивна вмешаност. Сите исплати биле направени кон владата. „Ени нема договор со Малабу”, вели портпаролот Роберто Албини на прашање на ДВ. Концернот Шел реагираше на сличен начин: „Сметаме дека нема основа за осуда на Шел и неговите соработници”, вели портпаролот Ана Хаслам за ДВ. Ако доказите на крај покажат дека Малабу или други лица извршиле противправни исплати на тогашни членови на владата и за тоа добиле возвратни услуги, тогаш тоа било без знаење или насоки на Шел.
Процес кој ќе служи за пример
Според британската организација за заштита на животната средина „Глобален сведок“, Шел веќе признал дека имале бизниси со осудуваниот Ден Етете. Доверлива електронска пошта на еден поранешен соработник на Шел во април 2017. година ѝ биле дадени на организацијата. Таа пак ги објавила мејловите кои наводно докажуваат директна врска меѓу раководството на концернот и осудуваниот Нигериец. Откако беа конфронтирани со мејловите, Шел за Њујорк тајмс призна дека немале друг избор освен да стапат во релации со фирмата Малабу и Етете, но дека сѐ се одвивало според законот.
За Барнаби Пејс, шеф на секторот за истраги во „Глобален сведок“, процесот во Милано ќе го поплочи патот и за идни слични случаи: „Никогаш не се нашле фирми од таков ранг пред суд заради корупција. Менаџери на други нафтени компании би требало да се загрижени дека ако прават коруптивни зделки може да завршат во затвор”. Процесот, според него, им дава и надеж на жртвите. „Овој дил со Шел и Ени ги чини луѓето во Нигерија едно чудо пари, онолку колку што се јавните издатоци за здравство на земјата во 2017. година“, вели Пејс во интервју за ДВ. „Притоа, во земјата и натаму едно од десет деца умира уште пред својата петта година.“
Многу Нигеријци се бесни. Корупцијата мора да биде искоренета со драстични казни, изјави Едвард Кијанагбо во интервју за ДВ. „Богатството со нафта во Нигерија треба да им биде од полза на сите Нигеријци.“