Валутна војна: На крајот сите ќе загубат
7 август 2019Во најновата ескалација на трговскиот спор меѓу САД и Кина, американското Министерство за финансии оцени дека „Кина е валутен манипулатор“. Кинеската централна банка возврати, оценувајќи го таквото жигосување за нарушување на меѓународните правила.
И, кој е во право?
Аналитичарите се уште дебатираат за значењето на кинескиот потег да се дозволи намалување на вредноста на националната валута- јуанот под нивото 1 спрема 7 во однос на доларот. За многумина, тоа е јасен сигнал дека Пекинг веројатно е подготвен да прифати и послаб јуан за да се заштити во трговскиот конфликт со САД.
Девалвацијата на кинеската валута се случува веднаш по најавата на претседателот на САД, Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини од 10 проценти на кинескиот увоз во вредност од 300 милијарди долари од 1 септември. Со тоа, Трамп ненадејно го прекрши примирјето во трговскиот конфликт кој веќе директно ги погоди дистрибутерите и доведе до намалување на растот. Претходно, надежите беа дека Кина нема да прифати намалување на вредноста на валутата за да не ја загрози последната рунда трговски преговори со САД.
„Фактот дека Кина сега престана да го брани курсот 1-7 кон доларот кажува дека се откажала од надежите за трговски договор со САД“, вели економскиот аналитичар Џулијан Еванс-Причард.
„Кина даде зелено светло за девалвација на јуанот“, проценува стратегот на Мизухо банката, Кен Чеунг.
Економистот на ИНГ банката, Роб Карнел смета дека „Кина повеќе не гледа причина да ги ограничува инструментите кои и стојат на располагање и дека валутата се смета за дел од арсеналот кој треба да се искористи“.
Но, останува да се види дали Пекинг ќе продолжи по тој пат. Иако втората најсилна светска економија бележи намален економски раст поради трговскиот конфликт, досега сепак немаше одлевање на капиталот од поголемо ниво. Тамошните власти би можеле да стравуваат од поголем одлив на капиталот на долг рок во случај на валутна војна. Можно е тие да се обидат да го стабилизираат јуанот на вредност меѓу 7,2 и 7.3 долари.
Од друга страна, и шансата за краткорочен профит во форма на поевтин извоз како инструмент за надминување на зголемените американски царини, може да се види како добра шанса.
Долга историја
Во секој случај, намалувањето на вредност на јуанот не е прв таков случај во историјата. Валутата и досега доживуваше девалвации од различни причини, иако, генерално во последниве години, нејзината вредност беше одржувана на курс од 6,25 до 6.38 во однос на доларот.
Трамп досега редовно ги критикуваше Кина, како и Јапонија и еврозоната, дека се служат со валутни манипулации за да се здобијат со економска предност над САД. Ослабнувањето на јуанот сигурно повторно ќе го навлече бесот на Трамп.
За волја на вистината, како пазарна економија, САД не можат насила да ја девалуираат својата валута за да го засилат извозот. Но имплементацијата на цела лепеза фискални и монетарни инструменти од страна на Централната банка, во суштина го имаат истиот ефект.
Историјата кажува дека политиката на конкурентна девалвација вообичаено дава само краткорочна предност пред ривалите. Систематски обиди за девалуација постојат уште од Првата светска војна кога државите го напуштија системот во кој хартиените пари беа поврзани со националните резерви на злато, наречен Златен стандард. Тоа им го отвори патот вештачки да манипулираат со своите валути.
Конкурентната девалуација всушност е еуфемизам за валутна војна, а терминот прв го употреби поранешниот бразилски министер за финансии Гидо Мантега во 2010. Тој забележа дека „започнала валутна војна“ во екот на глобалната финансиска криза.
„Трка до дното“
Токму примерот на Бразил покажува дека во секоја војна, вклучително и валутната, има жртви на сите страни. И на крајот, таа многу лесно може да заврши во пораз за сите вмешани. Логиката на играта е дека кога некој ќе започне таква војна, оние кои се погодени ќе возвратат, по што следува процес кој економистите го нарекуваат „трка до дното“ и глобална рецесија.
Дури и во првата фаза од таквата војна, иницијаторот, кој навистина може да го направи својот извоз поконкурентен на одреден период со намалувањето на вредноста на валутата, мора да се соочи со поскапен увоз, со што се намалува куповната моќ и најчесто води кон инфлација. На крајот, валутната војна ја ослабува глобалната трговија, и прави повеќе штета одошто носи корист.
Притоа, нема никакви гаранции дека при зголемени трговски тензии меѓу двете најголеми светски економии, оние кои ги носат одлуките ќе преземаат рационални чекори.
Министрите на Г20 повеќе пати повторуваа дека нема да се насочат кон манипулирање на валутите заради конкурентноста. И во принцип е точно дека повеќе големи држави оставаат на пазарот да ги одредува курсните листи. Но, некои аналитичари веруваат дека уште некоја експлозија во трговскиот конфликт би можела да ги убеди Кина, САД, па и трети држави, да почнат да ги користат валутите како потпора, доколку другите средства не дадат ефект.