Варуфакис ги обвини доверителите дека се терористи
4 јули 2015Непосредно пред утрешниот референдум, на кој Грците треба да се произнесат во однос на последните предлози на кредиторите за реформи, министерот за финансии Јанис Варуфакис упатува уште потешки обвинувања на сметка на меѓународните доверители. Тој во интервју за шпанскиот весник „Мундо“ ги нарече кредиторите на Грција „терористи“ и ги обвини дека сакале да ги понижат Грците,“. Тоа што кредиторите го прават со Грција може да се нарече со едно име и тоа е тероризам“, рече Варуфакис, познат по своите слободни изјави.
„Зошто тие не принудија да ги затвориме банките? За да всеат страв кај луѓето. А кога станува збор за сеење страв, луѓето тој феномен го нарекуваат тероризам, додаде Варуфакис, говорејќи за политиката водена од кредиторите на Атина, ММФ, ЕЦБ и ЕУ.
Бидејќи не постигна договор со кредиторите во однос на продолжување на програмата за финансиска помош, владата на Сириза ги затвори банките и воведе контроли на протокот на капиталот до 6 јули.
„Какви и да бидат резултатите од референдумот утре, банките ќе ги отворат вратите и ќе има договор со кредиторите“, рече Варуфакис, кој уште еднаш ги потврди своите претходни најави дека во случај мнозинството Грци да гласа со „да“ на референдумот, тој ќе поднесе оставка.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас повика да се гласа со „не“ на референдумот, додека претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер повика да се гласа со „да“.
Според последните анкети пред референдумот грчката јавност е поделена. Едно од најновите истражувања истражување на јавното мислење во земјата покажа дека 44 отсто од граѓаните би ги прифатиле условите на меѓународните кредиторти, додека 43 се против. Според анкета на агенцијата Ипсос, околу 12 проценти од граѓаните се неопределени за прашањето за кое треба да се изјаснат на утрешниот референдум.
Социолошкиот институт предупреди дека резултатите од анкетата покажуваат премногу блиски проценти за двата табори, за да може да се прогнозира исходот од референдумот.
Три испитувања на јавното мислење објавени вчера покажаа дека оние кои ќе гласаат „да“ се во мала предност, додека четвртата покажа дека тие што ќе кажат „не“ се побројни за 0,5 проценти. Истотака во Атина беа одржани паралелни митинзи на десетици илјади приврзеници и противници на владиниот курс.