Ве молам преземете, господине обвинител!
22 октомври 2015Да, сојузниот претседател е во право: Германија ќе се менува. Еден милион бегалци годинава, веројатно двојно повеќе следната- тоа е повеќе од секојдневие за општеството. Јоахим Гаук го остави отворено прашањето како ќе се менува општеството. Културата на добредојде на железничките станици, пазарите и камповите која беше поздравена ширум светот, е благородната, префинета варијанта на самодефинирањето на една нација. Повторно разбудениот гласен расизам на улиците и во кафеаните, од друга страна, е хорор-верзијата за сите пристојни Германци.
Расистичкиот волк во граѓанска кожа
Секако дека неразбраните, вечно неоправданите, толпата, секогаш постоеле. Искомплексираните и гласните одсекогаш биле стабилна, но мала периферна група во нашето општество. Германскиот парламентаризам во старата сојузна република како и во обединета Германија овој, не само германски, феномен на латентен десничарски екстремизам секогаш во минимизирал.
Новина за вулгарниот расизам кој се забележува на улиците и особено на интернет е неговата масовна репродукција преку ткн. „загрижени граѓани“ од средниот слој. Оние кои досега притаено гласно размислуваа, сега однеднаш ја отфрлаат својата граѓанска камуфлажа. Сега имаат храброст да го кажат она што веќе долго го мислат, оркестрирани од агитаторите на Пегида, АфД и НПД.
Тоа се фрустрираните на дигиталниот свет, кои во аналогното време својата рамнотежа ја одржуваа единствено преку оградувањето од сето она што изгледа туѓо и неразбирливо. Преку бегалците сега ја најдоа проекцијата на сопствената животна параноја. Психолозите и социолозите веројатно ќе можат да ни објаснат зошто дури и добро ситуирани 50-годишници со академско образование се вртат кон расизам. Но, ова не е момент да се филозофира за ексцесите на улиците и на интернет.
Ние не можеме да ги излечиме деформираните мозоци на оние кои сакаат бегалците да ги постројат пред ѕид или да ги обесат Меркел, Габриел и останатите. Но она што ни е итно потребно е доследна примена на законот: ние имаме Устав, иако не се вика така, и имаме закони. Она што се случува на интернет и пред сѐ она што го слушаме и гледаме на маршевите на Пегида, е случај за полицијата и јавното обвинителство.
Демократијата мора да биде засилена
Зошто му беше дозволено на германско-турскиот десен популист Акиф Пиринчи непречено да го заврши до крај својот говор на омраза во Дрезден? Полицијата мораше да го приведе директно од бината. Зошто се дозволува нацистичките симболи со часови да се веат низ улиците? Каде беа полицијата и јавното обвинителство? Тоа е старата песна за слепилото кон десниот екстремизам.
Демократијата не е разбирлива сама по себе, таа мора да биде бранета и утврдувана. За тоа не ни требаат нови закони, само треба да ги спроведеме постојните. Тоа ќе биде вистинското ограничување за оние кои секојдневно му се придружуваат на возот на омразата. Нашето досегашно неделување само и даде сила на толпата. Како што рековме: дека германското општество ќе се менува, е непобитно. Прашањето е само, како ќе се менува.