„Весела математика“ на Џафери за распуштањето на Собранието
30 октомври 2019Собранискиот спикер Талат Џафери смета дека Собранието треба да се распушти на 11 февруари следната година за предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април. Според математиката на Џафери, изборите треба да се одржат 60 дена по распуштањето на парламентот. Претседателот на парламентот денеска информираше за своите размислувања на средба со новинарите.
Правни експерти не се согласуваат со пресметката на Џафери и објаснуваат дека Уставот не кажува оти меѓу распуштањето на парламентот и одржувањето на изборите мора да минат точно 60 дена, туку дека станува збор за „рок од 60 дена“, како што е наведено во членот 63.
Праксата во изминатите децении вели дека избори се одржувале и на помалку од 50 дена од распуштањето на парламентот.
„Претседателот на парламентот за оваа тема треба да се консултира и усогласи и со Роковникот на Државната изборна комисија, каде се наведуваат сите предизборни активности“, вели правен експерт за ДВ. Истиот извор објаснува дека поради скратените рокови, најчесто се потребни минимум 45 дена за организација на изборите, а максимум 60, па во тој меѓупериод треба да се бара и оптималниот термин за распуштање на парламентот.
Дополнителен проблем со тајмингот на собранискиот спикер е потребата да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. Џафери тврди оти по распуштањето на законодавниот дом нема повеќе можност тој повторно да се свикува, и за ратификацијата ќе треба да се чека изборот на новиот парламентарен состав.
Уставен експерт кој го консултираше ДВ, вели дека ни оваа констатација на Џафери не е точна.
„Собранието е во постојано заседание и не може да има прекин. Мандатот на пратениците важи до почетокот на мандатот на новиот состав. Тоа може да се свика во секое време и да одлучува за важни теми, а ратификацијата на Протоколот секако е таква“, вели правниот експерт.
Дополнителен проблем е што во моментов никој не може да процени како ќе оди постапката во шпанскиот парламент, кој веројатно ќе остане последната станица за ратификацијата на Протоколот меѓу земјите-членки на НАТО. Три земји се уште не го ратификувале членството на Северна Македонија во Алијансата: Франција и Холандија- кои се очекува тоа да го сторат до крајот на ноември- и Шпанија. Новиот шпански парламент ќе се формира на 3 декември, но тој не може да носи одлуки се додека не се формира и новата влада во земјата, а коалициските преговори би можеле да потраат и со месеци.