1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветингот се турка со брзина на полжав...

Костадин Делимитов
12 јули 2019

Процесот на проверка на функционерите никако да се договори, а камоли да стартува. Експертите предупредуваат пристапот да биде експертски и да не се импровизира.

https://p.dw.com/p/3LxSf
Symbolbild Zukunft
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Begsteiger

Процесот за проверка на функционерите никако да добие конкретни контури. Иницијативата за прочистување се` уште е во фаза на иницијатива. Политичарите се договараат, ама никако да се усогласат како и кој да го спроведува процесот.

Предлог решение има и тоа од ДУИ како гласноговорник на целата операција како алтернатива на исто така долгонајавуваната функционерска „Метла". Ветингот можеби е подобро решение, но тоа треба и да профункционира. Но дилемата е како, посебно во услови кога целиот процес се одвива со брзина на полжав. Експертската јавност предупредува дека прашањето е пресериозно за да се импровизира и купува време:

 „Прашањето на ветинг заслужува внимание и треба да се донесе модел кој на крајот на денот ќе донесе бенефит за институциите и за граѓаните, а не да биде 'се плашам тело' од типот на она за лустрација. Нешто многу ме асоцира на тоа, во принцип еден вид на лустрација е вака грубо кажано. Прочистување да се види некој како функционирал досега. За жал кај нас многу често некои решенија кои се предлагаат имаат политичка агенда, меѓутоа мислам дека ова прашање треба да се постави експертски и да се третира експертски. Тука политички импровизации не може да има, тие не се дозволени. Затоа што некој можеби има политичка агенда и со добри намера, но тоа да резултира со некоја хаварија во иснтитуциите во системот“, предупредува Драган Малиновски, адвокат и поранешен антикорупционер.

Каква може да биде хаваријата во системот според него најдобро покажува примерот со Албанија, каде ваквиот процес почна и стигна до никаде:

„Ние веќе имаме искуство со Албанија каде поприлично смело и необмислено влегоа во овој процес кај судиите па не можат сега да функционираат. Врховниот суд е преполовен, па и половина од судиите и не можат да функционираат. Треба убаво да се обмисли, лично мојот став е позитивен, можеби не според албанскиот модел, но во иднина секој што ќе влегува да влезе во некоја проверка, со што во некое догледно време ние ќе имаме поприлично широк опфат на службени лица кои го поминале ветингот. Зборувам за нововработените. За постојните, ризикот е голем да не се случи да се остане без функционални институции како што е во Албанија", коментира Малиновски.

Кој да го врши ветингот?

За да се избегнат хаварии од типот на оние во Албанија, потребно е добро решение. Предлог има, ама единство околу него нема. Законската иницијатива на ДУИ веќе е кај политичките партии кои допрва треба да ја разгледуваат и да се произнесат по неа. Интегративците предлагаат формирање Агенција која ќе го спроведува процесот, во СДСМ допрва ќе го разгледуваат, но првично не гледаат потреба од формирање ново тело во услови кога функционира Антикорупциската комисија. Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак засега сериозно го разгледувала процесот за кој сметаат дека мора да почне од главата. Но конкретен став, исто така немаат. 

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
ДУИ достави предлог, а во СДСМ тој допрва ќе се разгледуваФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Антикорупциска пребукирана!?

Експертите предупредуваат дека процесот е обемен и треба да се спроведува со соодветни капацитети:

„Не сум сигурен дека на Антикорупциска може и ветингот да ѝ се стави како надлежност бидејќи повторно ќе кажам, тоа е поприлично обемна работа. Не исклучувам како можност, но треба да се види дали објективно таа има капацитети тоа да го прави. Да не биде Антикорупциска да ја товараме повеќе од што може да носи. Не треба да заборавиме дека ѝ го префрливме и процесот на проверка на анкетните листови, што досега се правеше во УЈП и тоа не за сите и и по некој систем и тоа скоро воопшто и да не функционираше. Сега исклучиво е преземена целата таа работа од УЈП и не знам како тоа ќе се одвива. Затоа, не треба да ја претовариме и таа да колабира и да не ја извршува својата функција“, укажува Малиновски.

Дополнително и во делот на опфатот, кој според она што се заговара и предлага треба да биде доста широк, по хоризонтала и вертикала. Од претседател на држава, сопштински советници, членови на управен одбор, пратеник, министри, директори, сите обвинители и судии:

„Околу опфатот треба да се биде внимателен. Сметајте ако имате локални избори и Вие треба да спроведете ветинг на колку кандидати за совет? Ако го правите ветингот логиката е да одите на секој што се кандидира да помине низ процесот, а не на оние што ќе се изберат. Бидејќи, што правиме ако некој не го помине ветингот а биде избран. Колку има кандидати, на локални, парламентарни избори. Затоа треба една убава симулација за моделот кој ќе биде замислен, како ќе се постави, кого ќе опфати, колку ќе не чини тоа и повторно да не се сведе да се угушат институциите како последица на тој процес", нагласува Малиновски.

French Open 2014 Platzpflege
ДУИ не се согласува со предлогот на премиерот за „Метла“Фотографија: Getty Images/M. Hangst

ДУИ бега од Метла"

Идејата за ветингот првично предвидуваше помал опфат. Односно кај јавните службеници во институциите во делот на правосудството, полицијата, царината, затворите. Односно, како што неодамна изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, онаму каде што се детектираат ранливите алки во системот, реалното влијание или подложност кон коруптивност или други форми на незаконитост. Но наместо безбедносните структури, сега се заговара процесот да ги опфати безмалку сите функционери, од локално па до највисоко ниво.

Повеќе: 

„Метла 2“ се одлага - ДУИ го кочи планот на Заев?

За ветингот. И ветеринарите.

Името на промените: едни за метла, други за ветинг

На ова инсистираат посебно од ДУИ, владиниот коалиционен партнер, кој не се согласува со планот на премиерот за т.н. „Метла“ која се најави но никако да се реализира. Интегративците сметаат дека овој процес треба да се спроведе во пакет со ветингот но проблемот е што за тоа ќе биде потребно многу време. Оттука и дилемите, но и потврдата на она што веќе подолг период се предупредува, дека токму ДУИ е онаа која ги кочи ваквите процеси во институциите.

Руските пранкери ја одложија Метлата"

Функционерската „Метла“ беше најавена за 9 јули, но тогаш пукна скандалот со телефонските разговори на премиерот Зоран Заев со руските пранкери кои се претставувале како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг. Заев тогаш изјави дека поголем дел од директорските промени во јавните инстиуции и агенции е веќе договорена работа и останува уште помал дел од процесот. Односно, договарање со новите кандидати кои треба да ги преземат функциите. Досега, како дел од операцијата која премиерот ја најави во екот на претседателските избори, беше направена смена на првите луѓе во седум министерски ресори. Процесот стартуваше во СДСМ каде беше направен речиси комплетен ремонт на раководната структура во партијата.