Веќе видена „клучна“ година за Косово
3 јануари 2019Годината што е зад нас често беше нарекувана клучна за решавање на косовскиот проблем, но крајот на 2018. не донесе потпишување на правно обврзувачки договор помеѓу Белград и Прштина. Иако многу, пред сѐ меѓународни фактори, истакнуваа дека тој договор би требало да биде постигнат до крајот на 2018 година, развојот на настаните всушност се заврте во потполно спротивна насока.
По низата еднострани потези на Приштина, приближувањето на ставовите помеѓу Србија и Косово се чини е подалеку отколку кога и да било. Воведувањето царини од 100 проценти, почетокот на формирањето на косовската армија, како и укинувањето на границата со Албанија, практично го запреа дијалогот. Кога 2019 година се најавува како „година на расплет“, изгледа дека најавата ќе остане еднакво јалова како што беше и за 2018 година, бидејќи и таа беше најавувана како „клучна“.
Но вербалниот оптимизам не ги напушта некои претставници на Западот. Големи очекувања, судејќи според оценките на косовскиот претседател Хашим Тачи, имаат и властите во Приштина. Тачи изјави дека 2019 ќе биде година на конечниот договор. Српските власти, меѓутоа, сега настапуваат далеку попретпазливо. Претседателот Александар Вучиќ и натаму повторува дека компромисот е неопходен, но се откажа од наметнување рокови и најави дека сето мора да се заврши во наредните неколку месеци.
Неоснован оптимизам?
Од каде дуваат толку силни ветрови на оптимизам и зошто секоја наредна година се прогласува за судбоносна? Очекувањата се последица на сѐ што не е направено изминатата година, оценува Иво Висковиќ, професор на Факултетот за политички науки.
„Сите чекаат овој проблем да се реши што е можно побрзо, но мислам дека кризата меѓу овие две страни, особено во нивните јавни мислења, е толку длабока што не очекувам никакво брзо решение. За тоа би бил неопходен некој храбар потег или исчекор кој би ја поправил состојбата без оглед на лични или политички последици. Но, тоа е тешко да се очекува, бидејќи притисокот на јавното мислење е исклучително голем за сите оние кои разговараат од српска и од албанска страна, вели Висковиќ за ДВ.
Повеќе:
-Косово: На сите страни само губитници
-Косовската логика на новиот светски поредок
-Српски пасош - барана стока на Косово
Дека ни оваа нема да биде „година на одлука“ смета и политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ. „Особено подготвеност за компромис не гледам во Приштина. А од друга страна, во овој момент не постои глобална консталација меѓу големите сили која би помогнала за поширок договор кој би поттикнал и постигнување на договор меѓу Белград и Приштина“, вели Анѓелковиќ за ДВ.
Губење трпеливост
Сепак, константното производство на силни очекувања не е случајност. Анѓелковиќ смета оти потекнуваат од „некои релевантни кругови на Запад“, па се пренесуваат во регионот. „Српските официјални лица не сакаат да се спротивстават на тоа директно, што е рационално однесување. Треба да се покажат добри намери, но од друга страна, мора да се спротивстават на сѐ што би претставувало капитулација за Србија“, додава тој.
Иво Висковиќ во сѐ гледа губење на трпение. Брзи решенија, вели, се бараат бидејќи „од тоа прашање на многумина им е преку глава“. „Тоа е навистна сериозно прошање за српската и за албанската страна, со многу последици, но тоа мора да се реши порано или подоцна. Но се плашам дека, поради компликуваната ситуација и менталитетот на двете страни, тешко може да се очекуваат брзи и лесни решенија.“
Професор Висковиќ, исто така, смета дека процесот се обидуваат да го забрзаат одделни западни земји. Од нивна перспектива сето тоа може брзо и лесно да се реши. „Имав можност во разговор со една политичарка од Германија да ѝ обрнам внимание на фактот оти беа потребни 22 години да се постигне договор со Источна Германија. Нереално е поради тоа да се очекува во случајот меѓу Србија и Косово тоа да се постигне за 22 месеца.“
Планови на чекање
Освен заострувањето на кое минатата годнина главно иницираше Приштина, годината ја одбележаа и планови за „разграничување“ или „корекција на границите“ кои ги споменуваа претседателите Вучиќ и Тачи. Јавноста на крајот не дозна што точно Вучиќ имаше на ум - ако воопшто и имаше точен план - а идејата тивко е поттурната во позадина. За „разграничување“ едвај и да се зборува веќе, малку поради противењето на Запад, а повеќе поради тоа што Тачи на Косово има сѐ помалку поддршка.
Се создаде впечаток дека освен чекање да се случи нешто и српската и албанската страна стојат вкопани на своите позиции и оти тоа е уште една причина за скепса дека ќе има голем напредок во текот на годината.
Драгомир Анѓелковиќ смета дека Србија има подготвени и конкретни решенија во прв ред „поврзани со поделбата на Косово“, Но, според него, Србија не сака да се истрчува додека не биде сигурна дека околу тоа е постигнат цврст договор.
Иво Висковиќ исто така смета дека кај вака важни прашања е извесно дека постојат неколку планови и алтернативни решенија. „Во секој случај, тоа ќе мора да биде креативно и специфично решение, за кое тешко ќе се најде некој пример од светската пракса“.
Кој е чиј сателит?
Забележлива е и тактиката на Приштина за време на паузата во дијалогот себе си да се претстави како сојузник на Западот, истовремено обвинувајќи ја Србија дека е „мала Русија на Балканот“. Тој политички маркетинг секако добива внимание на Западот, бидејќи руско-западните односи се многу напрегнати.
Но, соговорниците на ДВ сметаат дека тоа е повеќе реторика за внатрешна употреба. „Србија е далеку од мала Русија и по своите капацитети и по својата позиционираност. Харадинај, се разбира, се обидува Косово да го стави во контакт на зауздувањето на Русија, но мислам дека од тоа нема да има големи ефекти на меѓународната сцена“, вели Анѓелковиќ.
Факт е дека Косово се обидува да се претстави како американски сојузник, додава Иво Висковиќ. „Од друга страна, сите гледаат дека, кога нема што друго, Србија се врти кон некаква поддршка за Русија. Но, мислам дека ни едната, ниту другата поддршка нема да бидат одлучувачки. Имено, одлучувачки ќе биде да се убеди српското и албанското јавно мислење дека од сето ова не може да се излезе како победник, и оти нешто мора да се изгуби - а тоа и на едните и на другите им е најтешко“.