1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Визијата на Александар Вучиќ

Драгослав Дедовиќ
7 мај 2019

Српскиот претседател тврди дека другите се кусогледи, а тој далекувид. А тоа што го гледа во далечината, пропадна. Србите и странците, во здружен злосторнички потфат против неговата визија

https://p.dw.com/p/3I29C
Serbien Kampagne von Präsident Aleksandar Vucic in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Претседателот не го сфатија. Ни Ангела Меркел, ни Рада Трајковиќ. Сепак, Ангела останува пријателка. А Рада- предавничка. Кога така ги прозива Србите кои поинаку мислат за Косово, претседателот би морал да се сети на еден кој тој и неговите со полна уста го прозиваа- па повеќе го нема.
Не го сфатија ни сите останати Срби на кои поради неможноста телепатски да влезат во визијата на Вучиќ времето ќе им поминува ужасно бавно, како во леплив митски универзум. Наместо да им поминува гигабајтски.
Добро, што е тоа што Србите не го сфатија?
Не сфатија што е српско-албанска „компромисна граница" или „разграничување“,така се вика визијата.
Дали претседателот на сподели својата визија со српската јавност? Не.
Ја образложи пред парламентот? Не.
Напиша ли претседателот нешто слично за весниците, тој инаку врвен писател кој, откако не го цитира Шешељ, со ист презир кон другите го цитира Константиновиќ? Не.
Накусо, претседателот тврди дека е далекувид, а дека сите останати се кусогледи, и дека не кажал што тоа гледа во далечината, но дека таа идеја пропаднала.
Вучиќ никогаш официјално не ја изнесе својата визија за решавање на косовскиот проблем. И сега се жали дека неговата визија ја упропастиле и Срби и странци, во здружен злосторнички потфат против проблесокот на генијалноста на неговата маленкост, па така се заложиле за отуѓување на целовито Косово од Србија.
Ајде за момент да претпоставиме дека ова не е збрка. Дека конфузијата е производ на некоја стратешка памет.
Постојат три можности.
Првата, претседателот преку „внатрешен дијалог" ја вареше српската јавност како жаба и сега, кога измрцварената жаба е речиси сварена, мора уште некое време да кука над неразумниот свет и неизбежната загуба за да испадне дека не тој- туку некои неранимајковци- споменатата жаба ја натерале во водата.
Втората, дека претседателот наавистина мислел дека размената на територии по принципот на етничко мнозинство ќе биде прифатена и дека така ќе се создадат некои „компромисни граници". Но не сакаше да ја образложи својата идеја, бидејќи ако таа не е толку јавна, ризикот од политички пораз е исто така виртуелен. Кога навистина запна работата, полесно го образложува поразот на својата неискажана политичка визија со лицемерието на Западот и тврдоглавоста на Србите.
И третата можност: Никој од нас всушност не ја разбира генијалноста на драматичните визии на претседателот.
„Велите дека не сте ја слушнале содржината на тој предлог, се согласувам, не сте ја слушнале, а зошто го напаѓавте?", ги прашува Вучиќ сите.
Според ова извртување на тезите, за се се одговорни оние кои го напаѓале тоа што не постои, а не тој, претседателот, кој пушташе пробни балони, иако беше должен да го образложи тоа што наводно не постои, за низ јавна дебата да се обиде да пронајде мнозинство за својот предлог.
Од октомври минатата година ја слушаме ламентирање дека „граѓаните сметаат дека е подобро што сме ни на небо ни на земја"- без образложение како претседателот пресметал што мислат граѓаните за предлог кој не постои.
И што сега?
Ништо. Косово ќе биде признаено во постојните граници, бидејќи Србите и Ангела не сакаа да разговараат за разграничување. Но затоа ќе бидат виновни само Србите, особено Рада.
А нему, на Вучиќ, му останува историската фотографија со ножици во рацете, а пред нив, затегната како папок на новороденче, свечената врпца- сето фабрика до фабрика и величествен мост до величествен мост.
Тука морам да се присетам на Хелмут Шмит, некогашниот социјалдемократски канцелар на Германија кој и во длабока старост знаеше да ја изнервира политичката каста со изјави целосно спротивни на мнозинското мислење. Најдобра е онаа од дамнешната 1980 година: „Оној кој има визии, треба да оди на лекар".
Речиси половина век подоцна српскиот претседател упорно тврди дека визијата која никому не му ја соопштил е единствениот спас.
Сепак, повеќе му верувам на покојниот Шмит.