Димитров и Рот повикуват на солидарност од ЕУ
19 март 2020„Ќе почувствувате наскоро дека ЕУ е со вас“, порача министерот Рот преку видео-конференциска врска по „виртуелниот“ состанок со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Необичниот настан на релација Скопје- Берлин го предизвика кризата со коронавирусот која практично ги забарикадира сите европски држави во своите граници и ја натера ЕУ да се изолира од остатокот на континентот.
Токму впечатокот за недостаток на солидарност го наведе Рот да најави дека очекува поголема поддршка од ЕУ за државите од Западниот Балкан. Една од можностите, која ја најави и Димитров, е пренамена на средствата од ИПА програмата за санирање на последиците од економската криза во земјава.
Втората голема надеж на Скопје е дека ЕУ следната недела конечно ќе даде „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи денеска порача дека амбасадорите на земјите-членки на ЕУ веќе постигнале консензус за отворање на преговорите, но и Димитров и Рот предупредуваат дека таква одлука се уште нема. Најпрво, неизвесно е како и на кој начин следната недела, 24 март, во Брисел ќе се состане Советот за општи работи на ЕУ (ГАК). Втората неизвесност е во поглед на самите заклучоци кои се уште не се конечни и се предмет на дебата на амбасадорите и денеска.
„Да бидеме внимателни. Мислам дека по искуствата од 2018 и 2019 година мораме да бидеме внимателни, и да чекаме да се заврши целосно работата пред да упатуваме честитки. Ситуацијата е изгледна, меѓутоа не е докрај завршена работата“, изјави Димитров.
Гаранции дека такво нешто ќе се случи не можеше да даде ни Рот, но потенцира дека и тој лично се залага состанокот во Брисел да се одржи преку видео-врска и секако, да се донесе позитивна одлука и за Северна Македонија и за Албанија.
„Имам впечаток дека поголемиот дел од земјите-членки се согласни. (...) Она што е важно во ова време на коронакриза е ЕУ да покаже дека може да дејствува и да донесува одлуки, особено во однос на проширувањето“.
Рот не очекува дека забелешките на земји како Бугарија во однос на новата методологија на проширувањето ќе доведат до нова блокада на одлуката.