Високата загаденост во Македонија убива
26 јануари 2017Високата загаденост на воздухот во Македонија резултира со висок степен на смртност, порача шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар. Заедно со министерот за животна средина Башким Амети и финскиот дипломат Анти-Веико Каутонен, тој денеска говореше на завршната церемонија на Твининг-проектот за проблемите во областа на квалитетот на воздухот.
„Во врска со проблемот на загаденоста на воздухот, суштински е овој проект да заземе приритетно место кај македонските централни и локални власти. Патот до почист воздух во земјата е во рацете на секој граѓанин", рече Жбогар.
Заедничка констатација на дискусијата беше дека концентрацијата на ПМ10 и ПМ2.5 честички многу често ги надминува границите на нормалност. Изворите на загадувањето се лоцираат во металуршката индустрија, затоплувањето на домовите и производството на енергија, додека во Скопје најголем удел има сообраќајот, согорувањето на биомаса и индустријата.
Министерот Амети соопшти дека на владата ѝ предложил да воведе регулиран сообраќај по принципот пар-непар. Примерот, вели Амети, ќе треба да почне и од самите министерства, каде треба да се намали користењето на службените возила.