Вистината е најдоброто оружје против коронавирусот
4 април 2020Во борбата против пандемијата на коронавирусот најважна е вистината. Тоа го покажува случајот на Кина каде што за првпат се појави вирусот. На почетокот на епидемијата, кога шансите да се сузбие беа големи, челниците на Комунистичката партија на Кина и безбедносните сили ги заплашуваа медицинарите. Уништени се докази, негирани се факти. Резултатот: прво национална епидемија, потоа глобална пандемија.
Влади на кои никој не им верува
Тоа го докажува и случајот со Иран. Режимот своите жители ги лаже веќе со години. Кога владата во Техеран по долго предомислување и против отпорот на некои мули презеде мерки против вирусот, населението не ги сфати сериозно. Тоа беше фатална потврда на изреката: „Кој еднаш ќе излаже, не му се верува ни кога зборува вистина“. Последица од тоа беше големиот пораст на инфекции.
Повеќе:
-Страв од „Ковид-диктатура“ во Европа
-Вухан: Враќање во нормалноста засенето од недоверба
Ваков вирус не го интересира политика. Реторика и фрази не го импресионираат. Единствено се важни фактите. Да се победи вирусот може само со научен разум.
Десните популисти немаат што да кажат
Добар знак е тоа што политичарите во Европа и во Германија во криза се советуваат со стручњаци и што нивните проценки влијаат на нивните одлуки. Изгледа дека се пребродени изминатите месеци и години во кои десните популисти - АфД во Германија, Виктор Орбан во Унгарија, Матео Салвини во Италија, само да споменеме некои - беа гласни во политиката. Актуелната состојба покажа: кога ситуацијата е сериозна, тие немаат што да кажат.
Пандемијата покажува дека онаа политика која ги игнорира фактите и наместо тоа спроведува демагогија, плаќа висока цена. Не само во Европа, туку и во целиот свет. Многумина оваа цена ја плаќаат со сопствениот живот.
Кога вирусот за неколку месеци ќе биде победен - а со помош на науката тоа ќе појде од рака - тогаш, се надевам, ќе остане и сфаќањето дека само вистината е вредна. Токму во политиката.