1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистината и желбите во време на избори

21 февруари 2020

Власта има среќа што македонскиот гласач одлично памети што ВМРО правеше и како владееше. Силна е желбата кај луѓето ВМРО да не се врати на власт, но веќе на сите им е здодеано нивниот глас да завршува кај помалото зло.

https://p.dw.com/p/3Y6r4
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Првите парламентарни избори по падот на режимот се одвиваат во околности на огромна политичка тензија меѓу партиите и генерална конфузија и разочараност кај македонскиот електорат. Владее широкораспространета несигурност околу исходот, нешто што е видливо и се издава од политиканството и популизмот на двете главни партии и нивните потенцијални коалициски партнери. Разочараноста е најголема кај граѓаните кои беа движечката сила во политичките протести и кои помогнаа таа тажна и ужасна политичка декада да биде барем ментално надмината. Истото важи и за албанскиот гласач, кој се чувствува измамено и е повторно турнат во орбитата на ДУИ и на етничкиот глас.

Чесниот и одговорен граѓанин ја препознава разликата во однос на режимот, ја препознава и разликата во однос на актуелната опозиција, но е разочан од актуелната власт и неостварените ветувања, нерадо би го дал својот глас, но уште помалку би сакал да го награди ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е голема главоболка за актуелната власт и за нејзината изборна судбина која во огромен дел ќе зависи од емотивната одлука на непартискиот и слободумен гласач на денот на изборите. Затоа анкетите овојпат нема да кажат премногу за исходот на овие избори, ниту премногу да влијаат во психолошко-пропагадни цели. Се очекува да имаме историски најмала излезност на овие избори и тоа, се разбира, е дополнителен проблем за владејачката партија.

Власта, од друга страна, се обидува како знае и умее да проектира една своја политичка линија во која доаѓа до силна фрактура помеѓу вистината која се обидува ја пласира и обидот да се поигрува со желбите на луѓето.

За жал, изборите не се средство за пронаоѓање на вистината. Тие се средство за да се постигне еден мирен компромис помеѓу различните желби и очекувања на многу различни луѓе. Сите ние на еден или друг начин мислиме дека живееме во земја чија судбина мораме да ја споделуваме со луѓе кои ги сметаме за неуки или дури и злобни. И, веројатно и тие луѓе слично размислуваат. Затоа на изборите кои суштини се компромис, не се поставува прашањето: Која е вистината, туку - што сакате? И затоа сите луѓе имаат еднакво право на глас. Кога одиме во потрага по вистината, тогаш мислењата на различните луѓе имаат различна тежина. Кога пак станува збор за човековите желби, сите имаат право да бидат еднакво третирани.

Успесите и вистината

Прашањето е дали во оваа разочарана и заморена Македонија од избори и изборни ветувања, може да се најде некое помирување помеѓу она што е вистината за нашите состојби и она како политиката ги употребува или злоупотребува желбите на електоратот. Без притоа првото да биде погазено за сметка на второто, без перфидното извртување на нештата, и нивно изедначување, односно заменување. Власта, свесна дека за многу вистини има потфрлено, повторно одлучува да игра на подгревање на желбите на луѓето.

За мене вистината е дека се согласувам со многу луѓе дека оваа власт е подобра од претходната. Во исто време пак, јас претендирам дека претходната власт не може да биде единственото мерило за нашата подобрена демократска состојба. Луѓе често сакаат да нагласат дека денес има слобода и демократија и дека секој може да каже што сака. Јас пак честопати на тоа замерувам дека слободата и демократија се пред сѐ од нас изборени, не ни се подарени, и дека слободата нешто да се каже постоела и порано, но зависи дали човек е спремен да се носи со последиците од таа слобода. Истото важи и денес, последиците постојат, и се подеднакво ужасни за критичарите на власта како и порано. Но, не може да се пренебегне фактот дека за мнозинството луѓе перпепцијата за слободата е вистинита и дека содејствува со нивните желби за тоа какви треба да бидат нештата. Но, тоа некогаш и може да биде стапица. Кога вистината и желбите некаде се поклопуваат, тоа не значи по автоматизам дека истото важи и за други вистини. 

Како и да е, таквото мислење е огромен плус за оваа власт, без разлика што работите не се црно-бели, и постои огромен простор за напредок и подобрување.

Голема вистина е дека заради глобалната и регионална геополитичка конјунктура, како и огромната западна поддршка на новата власт по режимот, власта успеа да направи неверојатен пробив во нашата надворешна политика и нашите евроатлантски аспирации. Македонија реши горливи прашања и делува дека стабилно е поставена на европскиот пат, како што е факт дека огромното мнозинство во нашата земја ја сака и ја поддржува европската и западната интеграција.

Кога изборите би се решавале на само овие две прашања, тогаш оваа власт би била апсолутен победник, но, за жал, по овие два успеха влегуваме во сферата каде вистината се заменува со желбите.

Неисполнети очекувања за правда

Вистината доаѓа до огромна и непомирлива фрактура кога станува збор за нашите системски и реформски процеси, нашите домашни состојби на серија прашања кои се движат од желбата за правда и промени, борбата со корупцијата и непотизмот, партизацијата и клиентелизмот, криминалот или квалитетот на живот. Тука вистината е крајно разочарувачка, желбите на луѓето се длабоко разочарани, и се надоместуваат со потхранување на само нови ветувања дека нивните желби следниот пат ќе бидат задоволени.

Правдата беше една од најголемите желби и клучно барање на македонскиот гласач од оваа власт. Довербата беше дадена на слепо, токму затоа што постоеше огромна желба која остана длабоко разочарана. И денес е многу тешко, без разлика колку власта се обидува со партиски дилови како за Законот за ЈО, или со популистички маршеви за правда, да се истакне или повторно да се врати и претстави како кредибилен и вистински исполнувач на таа здрава народна желба. Поинаку кажано, за народот остана само да изгори од желба.

Постои и една друга вистина која тука мора да се земе предвид, а тоа е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму контролира огромен дел од судската власт и дека свесно и намерно ги блокира можеби и најдобрите намери за реформи. Но, подеднакво е точно дека контролата на политиката врз правосудството не се искоренува ниту кај владејачката партија, туку и таа е приморана или нема политичка волја да се откаже од влијанијата врз судството.

Оттука можеме да извлечеме и една друга поразителна констатација - дека пострежимскиот период, повеќе од вистинско реформирање, највеќе се сведе во борба на двете партии за изедначување во моќта и партиската контрола врз сите општествени и институционални аспекти.

Истите заклучоци и без да навлегуваме во детали можеме да ги излечеме и за состојбите генерално во политиката, корупцијата и криминалот. Системската контрола на партиите врз институциите и сите облици на власт продолжува подеднакво како и порано. Како што деновиве јасно ќе каже еден луциден и мудар критичар на македонските состојби, Џевдет Хајредини: „Состојбите не се менуваат, ни во корупцијата, ни во политиката, ни во меѓуетничките односи. Се продолжува со истата политика од порано“.

Други колумни од авторот:

Дали Америка е подготвена за револуцијата на Сандерс?!

Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

Завршува најдолгата деценија во историјата на Македонија

Македонскиот гласач памети одлично

Ова се работи кои значително задираат и ги минимизираат првите две големи промени кои погоре ги пофалив. Прво, затоа што и датумот за ЕУ и влезот во НАТО малку значат за нашиот гласач кој не гледа вистински реформи на домашен план, и е свесен дека ако се продолжи на овој начин, и НАТО и датумот, ќе се сведат на празни школки и политички награди само за политиката, но не и за народот. Вториот аспект е криминалот и корупцијата. Случајот Рекет, и покрај големата способност на власта да си создаде санитарен коридор околу сопствената инволвираност, длабоко ја разочара и ја подели македонската јавност. Власта мораше да го менаџира што со огромни заложби на својот клиентелистички и апологетски електорат, што со досега невиден предизборен поткуп на кој би завиделе и еден Груевски и Ставрески.

И кога сме кај режимлиите, не можеме, а да не констатираме една друга вистина. Тоа е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ ја пропушти, односно, не го спроведе нужното и неопходно самореформирање и откажување од логиките со кои катастрофално владееше. Тука власта ја има огромната среќа што македонскиот гласач одлично памети што ВМРО правеше и како владееше. Силна е желбата кај луѓето ВМРО да не се врати на власт, но веќе на сите им е здодеано нивниот глас да завршува кај помалото зло. И власта многу вложува на таа граѓанска желба.

Дистинкцијата помеѓу вистината за нашите состојби и желбите на народот е многу важна и од еден друг аспект. Оваа власт има еден друг квалитет кој треба сериозно да го надогради и една опасна мана од која мора да се ослободи.

Во една демократија, власта ја претставува волјата на народот. Е сега, точно е дека оваа власт не ја манипулира волјата на народот на начинот на кој што бевме навикнати. Точно е дека презема чекори и обиди кои одат и во поширокиот интерес на народот, но во исто време, не се бори да ја ослободи или олесни вистинитоста преку сериозно инвестирање во независни институции, во подобрувањето на образованието и академските слободи, во развивањето на услови за слободни и објективни медиуми, во испорачувањето правда или вистинското ослободување на третата власт од партиската контрола.

Знаеме до кој степен режимот се плашеше од вистината, и свесни дека таа може да излезе од нивна контрола, одбираа да тврдат дека вистината не постои. Затоа и воведоа челична тупаница во контролирање на сите институции кои можат да ја обезбедат, и тука пред сѐ се мисли на судството, медиумите и академската заедница. За нив единствено беше важно да го лажат народот дека работат за остварување на неговите желби, макар и оние најниски и најдеструктивни. Секој оној што ќе се обидеше да презентира поинакво гледиште и своја варијанта на вистината, беше сурово стигматизиран и напаѓан дека оди против волјата на народот.

Човек верува во она што сака да верува

Тука сме во ризик таа приказна, на многу поблаг начин, но суштински слично, да се перпетурира до недоглед. Ако сакаме да станеме вистинска демократија, тогаш мораме да се обидуваме да ја држиме вистината независна од желбите, макар и оние најдобронамерните. И тука не е доволно за власта да се декларира верна на апстрактниот идеал дека ќе трага по вистината. Клучот за секоја вистина се здравите и независни институции, и колку и да се секогаш несовршени, тие се единствениот орган кој може идеалите да ги трансформира во општествена пракса.

Знаеме веќе дека и научно е докажано - човек верува во тоа што му е комотно да верува, додека изборот секогаш го правиме согласно нашите желби. И треба да имаме слобода да го избереме тоа што го сакаме, но не би смееле да го игнорираме вистинското значење на нашиот избор, ниту да ја криеме или дисторзираме вистината. И во таа смисла, народот има право да ја избере која било влада што му се допаѓа, но нема право да ја избере вистината која му се допаѓа.

Мислам дека критиката служи за тие цели и треба така да биде разбрана. Мојот совет во овие конфузни времиња, преполни бес и разочараност, е да се надминеме во тоа што ни се допаѓа или не ни се допаѓа, и нашиот ориентир пред ова мачно гласање да биде кој повеќе се залага за вистината, односно кој повеќе се грижи за нашите институции кои се предуслов за секоја понатамошна вистина.

Свесен колку лагата и злоупотребата имаат длабоко пенетрирано во нашата политика и општество, знам дека изборот нема воопшто да биде лесен.