Витамин Ц: Добар за имунитет и за сузбивање на инфекции
Токму во време на Ковид-19 е особено важно да се има функционален имунолошки систем. На телото затоа му се потребни доволно микронутриенти, на пример витамин Ц. А него го има во овошјето и зеленчукот.
Јади ме!
Најголем дел од животните - цицачи можат да го синтетизираат витаминот Ц, значи сами да го произведуваат. Но, не и луѓето. Ние мораме да го земаме преку храната. Витаминот Ц го има во киви, портокали и грејпфрут, но и во зеленчук како прокељ, брокула и пиперка. За жал, тој е чувствителен на температура, затоа, внимавајте при готвењето!
Помалку мистерија, повеќе биохемија
Витаминот Ц не е важен само за старите луѓе, болните и вегетаријанците. Неговите биохемиски функции во секое тело се исти и подеднакво важни. Витаминот Ц спаѓа во микронутриенти, кои на организмот не му даваат енергија, но сепак се есенцијални за неговите основни функции. Во нив се вбројуваат метаболизмот и нашиот одбранбен систем.
Радикален ловец на слободни радикали
Како антиоксидант, витаминот Ц ги редуцира штетите кои ги предизвикуваат т.н. слободни радикали, штетни молекули кои ја нарушуваат структурата на здравите ткива во организмот. Овие радикали настануваат при нормалните процеси на метаболизам. Но штетни материи, како на пример цигарите, водат до оксидативен стрес и зголемено настанување на слободни радикали, па се зголемува и потребата од витамин Ц
Јагоди за ензимски активности
Витаминот Ц од овие јагоди во човечкото тело не се користи само за заштита од слободни радикали, туку тој е важен т.н. кофактор при цела редица ензимски активности, како на пример синтеза на протеинот колаген. Колагенот е дел од тетивите, коските, рскавицата и кожата. Бавно и лошо заздравување на некоја рана од оваа причина може да е знак за недостиг на витамин Ц во организмот.
Противнапад со помош на грејпфрут
На телото му е потребен витамин Ц за да може да се одбрани од инфекции. Витаминот Ц не само што е задолжен за заштита на клетките, туку во случај на инфекција преминува и во напад. Тој стимулира преместување на имунолошките клетки, т.н. неутрофили на местото на инфекција, ја поттикнува фагоцитозата - разградување и отстранување на штетните материи и убивање на вирусите.
Доволно витамин Ц - помал ризик од болести
Поголем недостиг од витамин Ц може да доведе до скорбут. Забавено заздравување на рани, модрици, опаѓање на косата, крварење на непцата и губење на забите, како и болки во зглобовите се симптоми на оваа потенцијално смртна болест. За заштита се доволни веќе 10 милиграми витамин Ц дневно. Доволно витамин Ц во телото значи и помал ризик од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочни удари.
Колку е доволно?
Според Централата за заштита на потрошувачите, препорачана дневна доза на витамин Ц за мажите е околу 110 милиграми, за жените - 95. Научниците од Државниот универзитет Орегон пак на сите возрасни им препорачуваат 400 мг витамин Ц дневно. Тврдат, тој е безопасен и ако се „предозирате“, ќе се исфрли преку урината. Нема разлика дали го внесувате преку храната или таблети, велат експертите.