1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Владата бара од Пендаровски да прогласи вонредна состојба

БГ
18 март 2020

Владата бара од претседателот на државата Стево Пендаровски во следните 30 дена да прогласи вонредна состојба во земјата. Премиерот Спасовски порачува дека мерките мора да се заострат за да се спречи коронавирусот.

https://p.dw.com/p/3Zd37
Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Мерките мора да се надополнат, заострат и радикализираат за да се спречи уште поголем пик на коронавирусот за кратко време. Убедени сме дека тоа можеме да го спречиме со воведување вонредна состојба. Заканата бара радикални мерки“, порача денеска на прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски. 

Иако владата апелира до Собранието, пораката е всушност упатена до шефот на државата Стево Пендаровски, кој единствен во оваа ситуација може да прогласи вонредна состојба. Според Уставот, предлогот ќе се испрати прво до Собранието, а потоа, со оглед на тоа дека парламентот е распуштен, истото ќе биде преупатено на одлучување кај претседателот на државата. 
„Ова е за првпат во историјата, и оваа мерка е една од најтешките одлуки кои што ги донела која било влада од постоењето до денес. Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени како кај нас, така и во светот, секој од нас да се прилагоди и да преземе крајно одговорно однесување. Секој граѓанин е повикан во оваа битка“, порача Спасовски. 

„Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите морам да се однесуваме вонредно и поодговорно. Политиканството да се остави за некое друго време. Се работи за животите на сите наши граѓани“, порача Спасовски. 

Спасовски појасни дека вонредната состојба не значи по автоматизам ограничувања на слободите и правата на граѓаните, а евентуални такви одлуки ќе се носат на дневно ниво, во зависност од состојбата. Вонредната состојба ѝ дава можност на владата за брзо и ефикасно преземање мерки за превенција за заштита на општеството и на економијата, наведе Спасовски.

Доколку се прогласи вонредна состојба, владата ќе добие право да носи уредби со законска сила. Премиерот Спасовски вели дека засега не може да се каже точно какви ограничувања ќе донесе одлуката, бидејќи тие ќе се носат на дневна основа. Но тој е убеден дека од аспект на економијата и јавното здравје владата ќе може подобро да функционира. 

Претседателот Пендаровски вчера, во интервју за Телма, веќе меѓу редови најави дека е извесно прогласувањето на вонредна состојба со цел да им се дозволи и на владата, но и на граѓаните, полесно да се справуваат со кризата поради коронавирусот. Пендаровски индиректно ги отфрли и тезите дека е подобро во моментов да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава, како што бараше лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Пендаровски, државата нема доволно ресурси за да си дозволи кризна состојба како онаа во Дебар и Центар Жупа на територијата на целата држава.

За прогласување вонредна состојба претходно се заложи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По лидерската средба во вторникот, Заев изјави дека вонредната состојба ќе и овозможи на владата да изврши ребаланс на буџетот и подобро да ги заштити граѓаните.

Повеќе медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, веќе објавија дека Пендаровски попладнево ќе го прифати владиното барање и ќе прогласи вонредна состојба.

Со оглед дека Собранието е распуштено, шефот на државата е единствената институција која може во оваа ситуација да прогласи вонредна состојба.

Прогласувањето вонредна состојба е регулирано со членот 125 од Уставот на државата. Во него се наведува следното:

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема