1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата го отвори патот за избори на 5 јули

БГ
10 јуни 2020

Владата ги задолжи МВР и ДИК да ги продолжат подготовките за организирање на изборите, во пресрет на истекувањето на вонредната состојба. Вархеји очекува фер, слободни и инклузивни избори.

https://p.dw.com/p/3dc6N
Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одлуките на Владата донесени вечерва се прва индикација дека двете владејачки партии, СДСМ и ДУИ се подготвуваат за избори на 5 јули. Дали и на кој начин кон оваа одлука придонел и вечерашниот разговор на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји остана нејасно по дипломатски интонираниот твит на унгарскиот дипломат.

„На Заев и на Мицкоски им ја потенцирав потребата од слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја во предвид состојбата со Ковид-19, како и потребата за ефикасно економско опоравување“, соопшти Вархеји преку својот Твитер профил. Ни Заев, ниту Мицкоски вечерва не го коментираа разговорот со Вархеји, иако изминативе недели двете партии активно се препукуваа околу даумот за одржување на изборите. 

Владата практично ги започна последните подготовки за изборите задолжувајќи го МВР во рок од еден ден од стапувањето во сила на уредбата да ги достави до Државната изборна комисија листата на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа, како и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК потоа треба ги впише овие лица во избирачкиот список по службена должност.

Техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев бил единствениот кој гласал против уредбата, соопштува владината прес-служба.

Од владата велат дека со влегувањето во сила на уредбата, ДИК е должна да ги превземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија.

Задолжено е и Министерството за здравство, согласно протоколите од Комисијата за заразни болести, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.