Бучковски разрешен, нов пристап во преговорите со Бугарија
11 јануари 2022Владата го разреши Владо Бучковски од должноста специјален претставник во преговорите со Бугарија за надминување на спорот. Бучковски во изјава за ТВ21 вели дека со новиот пристап во иднина министерствата за надворешни работи на двете држави и петте работни групи ќе ги водат преговорите.
Од Владата, пак, објаснуваат дека новите премиери на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков ќе ги утврдат начините и чекорите на решавањето на отворените прашања меѓу двете држави. Oд Владата му се заблагодарија на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои велат дека придонел кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу двете во време на предизвици кои подразбираат потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија.
Бучковски беше именуван на функцијата специјален претставник кон крајот на 2020 година. Кон крајот на минатата година му беше продолжен мандатот како олеснувач во разговорите со Бугарија за надминување на спорот.
Бучковски е разрешен неколку часа откако мандатарот Димитар Ковачевски до Собранието го достави предлогот за состав на новата влада и програмата, но и во пресрет на посетата на бугарскиот премиер, Кирил Петков, на Скопје, која се очекува да се реализира откако ќе тој излезе од десетдневниот карантин поради контакт со заразен со Ковид-19.