Романија - социјалдемократите на пат кон дното
27 август 2019Дежаву на романски начин: повторно се распаѓа една и онака фрагилна владина коалиција кратко пред претседателските избори. Предавство, кршење на довербата, меѓусебни обвинувања, префрлање на одговорноста и најавено поставување на прашање за гласење доверба од страна на опозицијата: во Романија не е првпат да се води политика на ваков начин.
Извисените Социјалдемократи на премиерката Виорика Данчила сакаат да се задржат на власт со малцинска влада, псевдолибералната Алијанса на либералите и демократите (АЛДЕ) кова нов сојуз со пребеганите од ПСД на поранешниот премиер Виктор Понта, конзервативните национал-либерали ПНЛ во опозицијата се осоколени, а сепак не се решаваат да преземат владина одговорност.
Земјата, без оглед на економскиот раст, е економски исцрпена, политички мотивираниот пораст на платите и пензиите нема финансиско покритие, пред три години на големи ѕвона најавените проекти во здравството и во сѐ пораспаднатата инфраструктура се мртво слово на хартија, ништо не е вистински реализирано. Оној кој сега ќе ја преземе владата, има лоша почетна позиција.
Социјалдемократите презрени и кај европските Социјалисти
Сѐ уште владејачките социјалдемократи од ПСД се наоѓаат соочени со своја пропаст. По нивната јасна победа на изборите во 2016 година - според анкетите имаат загубено половина од гласовите - сменија тројца премиери и речиси 100 министри. Нивниот „лидер во сенка" Ливиу Драгнеа е зад решетки поради корупција и злоупотреба на службената положба, привремената партиска претседателка Данчила, марионета на Драгнеа, се обидува да ја спаси својата позиција и притоа го управува автомобилот – односно партијата и владата- право во ѕид.
На меѓународен план ПСД, поради својот континуиран напад врз правната држава и судството, е на удар на критика, дури и кај својата партиска фамилија на европските Социјалисти.
Поразителен имиџ во анкетите
Но, Данчила сака да го продолжи патот без оглед на загубите. Нејзината цел е претседателската фотелја. А тоа е главна цел на новата владина криза. Шефот на АЛДЕ и претседател на Сенатот, Калин Попеску-Таричеани сметаше дека има добри шанси да биде кандидиран од страна на владиниот сојуз. Но, премиерката, досега незабележлива и поводлива исполнителка на желбите на нејзиниот голем идол Драгнеа, му ги помати сметките. Таа сака самата да го освои врвот на власта и со голема помпа ја најави својата кандидатура за претседателските избори закажани за доцна есента годинава. Дека притоа ќе се распадне нејзината влада, таа веќе претходно имаше вкалкулирана таква можност.
Повеќе:
Ливиу Драгнеа - крај на една политичка кариера во РоманијаРоманија: Победа против извртувачите на правдата
Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици
Данчила одамна се гледа себеси како мајка на нацијата, предодредена за крупни задачи. Она што притоа сосема го испушта од вид е дека нејзината популарност е на дното. Со актуелните вредности од 7,5 проценти таа нема речиси никакви шанси. Сегашниот претседател на државата Клаус Јоханис, кој одново ќе се кандидира и е поддржан од ПНЛ, според анкетите би освоил 40 проценти од гласовите.
Несомнено е дека ПСД веќе одредено време се наоѓа во слободен пад. Со овој последен дебакл, партијата со огромна брзина се движи кон политичка маргинализација.