Владините стеги ја гушат македонската економија
21 октомври 2016Македонската економија генерира раст но тој очигледно е недоволен и за позначаен развој чии ефекти и реално ќе се почувствуваат. На владите на Никола Груевски во изминатата деценија им успеа да реализираат стапки на раст, но тие главно беа скромни, или многу пониски од она што е неопходно за одржлив развој. Дилемата е дали е погрешен рецептот што упорно се спроведува, или можеби погрешен е начинот на кој тој рецепт се употребува? Проблемот според дел од упатените е резултат на повеќе фактори, но клучниот е во преголемото мешање на државата, односно владата врз домашната економија.
Агресивниот пристап на владата со крупни инвестиции и други деловни потфати во економијата, според дел од експертите може да биде и разбирлив но само во услови кога доминира криза од глобален аспект како во 2009 и 2010 година кога домашните инвеститори реално апстинираат:
„Поголемото мешање во економските текови на државата, ставање на поголема зависност дефинитивно не влијае позитивно за домашните инвеститори. Тоа дава противречни сигнали, затоа што очигледно никој од инвеститорите не би сакал во конкурентската битка да се бори со владата. Оттука сметам дека она што треба да ја влече посилно постабилно и поодржливо домашната економија кон остварување повисоки стапки на раст е дефинитивно промена на моделот кој се практикува и негово целосно насочување кон ослободување на приватниот бизнис од стегите, односно од лимитите и негово поголемо охрабрување за приватни инвестиции“, сугерира универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Првиот и позначаен чекор што треба да се направи во оваа насока според него е поттикнување на домашните инвеститори преку одредени стимулации, но и редица други постапки кои не само што го гушат, туку и финансиски го истоштуваат стопанството:
„Одредени стимулации да, но дефинитивно треба да почне и со поголема дерегулација на економијата и намалување на казните за бизнисот. Сето тоа ќе даде едно ново светло за приватната иницијатива и многу од оние кои апстинираат ќе бидат охрабрени да влезат во инвестициски циклус. Нема успешна и здрава економија ако растот не е базиран претежно на приватниот сектор. Јавната потрошувачка не дека не може да биде генератор на растотили пак капиталните инвестиции, но многу е подобро ако тие се само дополнение на здравите инвестициски политики кои ги носи приватниот бизнис“, смета Ивановски.
Целосна запоставеност на домашните претприемачи
Сепак, она што доминира во изминатите години е многу поинаку од сугестиите на експертската јавност. Клучниот проблем според упатените не е само што власта не се откажува од главен бизнис играч на пазарот кој диктира буквално се`, туку и безмалку целосната запоставеност на домашните претприемачи за сметка на странските инвеститори. Бизнис заедницата веќе одамна е гласна во забелешките околу една од клучните владини стратегии, но досега многу малку и беше слушната:
„Фрустрирачки е што по којзнае кој пат треба да повторуваме дека се чувствуваме како да работиме во туѓа земја. Веќе ми е преку глава да гледам како владата кон едни се однесува како мајка, а кон нас што овде сме почнале и израснале во бизнисот како да ни е маќеа. Замислете што ќе значеше за нас, а посебно извозно ориентираните компании да добиваме само дел од милионските стимулации што ги добиваат странските инвеститори. Да, тие носат ефекти, но само на хартија и тоа додека ги финансираме. Кога ќе прекине тој процес ќе си заминат и тогаш што ќе правиме“, реагира еден од домашните стопанственици.
Дел од експертите предупредуваат дека е крајно време ако не за напуштање тогаш барем за израмнување на привилегиите и за домашното стопанство:
„Па погледнете го само ’жарот’ кој се посветува на привлекување на странските инвеститори од страна на промоторите и владините министри. Ако тој најмалку еднакво се насочи кон домашните претприемачи, не се сомневам дека ефектот на растот на националната економија ќе биде далеку позначаен и подинамичен“, предупредува професорот Ивановски.
Затоа според него е многу важно јавноста да добие јасна слика за целокупниот процес на привлекување на странските инвеститори:
„Треба јасно и гласно да се објасни дека тие не доаѓаат затоа што сакаат, туку единствен мотив им е профитот. И тоа е сосема легитимно, но прашањето е дали македонската јавност заслужува целосна транспарентност во процесот на привлекување. Добро е да се види нето ефектот врз националната економија. Дефинитивно дека тие носат бенефит затоа што обезбедуваат пазари, нови технологии, прилив на девизи, но како и да е треба да видиме колку тоа реално и не чини“, смета Ивановски.
Стимулирање на иселениците
Статистичките податоци покажуваат дека во изминатава деценија ипол, македонската економија во просек одржува раст од околу 3% од БДП и за исто толкав период привлекла 3,2 милијарди инвестиции. Ваквите податоци сумирано веројатно значат многу, но според упатените реално и малку со оглед на капацитетите на регионот и реалните можности на домашната економија. Доволен е само податокот дека обемот на странски инвестиции е далеку помал од она што значи прилив на девизи по унилатерални трансфери или дознаките од странство. Отттука според упатените би било сосема легитимно акцентот на политиките да се насочи поагресивно и кон стимулирање на иселениците, не само да испраќаат пари, туку и да размислуваат за инвестициски проекти. Инаку во делот на економскиот раст, проекциите на домашните и меѓународните финансиски институции се дека и во наредниот период овој тренд би се задржал, евентуално со мали нагорни поместувања. Сепак реално, тоа би било и натаму недоволно за позначаен и одржлив развој на домашната економија, на која според проценките и се потребни најмалку 6 до 7% стапки на континуиран раст на БДП. Се` останато би било само тапкање во место што во никој случај и реално нема да го подобри стандардот на обичниот македонски граѓанин кој за жал е на дното од европското скалило.