Дали власта ќе го изгаси финансискиот „пожар“ во општините?
27 октомври 2018Финансиската состојба во општините во Македонија е драматично влошена. Една година по промената на локалната власт состојбите кулминираат и тоа на повеќе фронтови. Речиси и да нема општина која не е во долгови. Некои едвај и функционираат и се со блокирани сметки. Во отсуство на ефикасно решение од страна на локалните власти, централната власт е онаа која реши да го гасне пожарот. Владата реши да одвои 51 милиони евра од буџетот за покривање на половина од вкупните долгови на општините. Парите се потребни како леб на сите, а посебно за најзадолжените во кои предничат Охрид, Куманово, Тетово, Карпош. Најзадолжената скопска општина е во минус од 8 милиони евра. Оттаму велат дека финансиската дупка е резултат главно на наследени и доспеани фактури.
„Оваа мерка на Владата, која префрла дел од средствата од капитални проекти од централниот буџет за финансиска консолидација на задолжените општини, секако е за поздравување затоа што со ваквата „финансиска инјекција“ всушност се раздолжуваме кон стопанството (станува збор за фирми на кои им должиме пари), и со самото раздолжување парите повторно се внесуваат во стопанството и се овозможува придвижување на развојот. Општина Карпош е задолжена со околу 480 милиони денари или околу 8 (осум) милиони евра, (иако според склучените договори кои се во тек на реализација и кои допрва ќе доспеваат таа сума може да биде поголема). Станува збор за долгови главно за реализирани капитални проекти претежно од областа на инфраструктурата, но и други, и се наследени долгови“, велат од Општина Карпош.
Финансиска поддршка
Наследените долгови се проблем насекаде, а најалармантни во Охрид, како рекордер со финансиска дупка од дури 24 милиони евра. Владината интервенција велат ќе им помогне, но дали и ќе ги реши напластените проблеми е неизвесно:
„Станува збор за решение кое допрва ќе се реализира. Не е целосно, но многу ќе ни олесни во работењето, па макар и преполовено. Кај нас долговите апсолутно се наследени, стари долгови за кои рак рана се каматите кои се влечат со години. Допрва треба да се анализира што ова ќе значи, но дефинитивно ќе биде олеснување при планирање на буџетот за наредната година.“, коментираат од Општина Охрид.
Повеќе на темата:
-Раздолжувањето на општините ќе ги расчисти и злоупотребите!?
-35 милиони евра должничка дупка од Трајановски за Шилегов
Финансиската поддршка е олеснување, но дали и решение на проблемите? Упатените коментираат дека без одговорност и санкционирање на недомаќинското работење ефектите ќе изостанат. Дополнително, доколку не се мотивира и одговорност но и креативност во работењето:
„Ние како општини се финансираме главно од комунални такси и данок на имот. Тоа ни се редовни приходи кои повеќе или помалку ги покриваат потребите за тековно работење. Но проблем се капиталните проекти за чија реализација треба и креативност и тука е она што ни е потребно. Ако се работи на оваа компонента лесно може да се дојде на пример до поволни извори на финансирање во соработка со ЕБОР-Европска банка за обнова и развој, или Светска банка. Но за тоа треба работа и пред се креативност што досега ретко каде ја има“, коментира за Дојче веле вработен во една од општинските администрации.
Длабинска анализа
Експертите предупредуваат дека за ефикасно решавање и елиминирање на проблемите треба длабинска анализа:
„Владата сега го гаси пожарот, и тоа е во ред, но прашањето е што понатаму. Општините мора да работат и да се грижат за потребите на граѓаните и околината. Во целава оваа состојба на евидентно недомаќинско работење, но и отсуство на целосен отчет, мора да се направи здрава анализа која ќе даде одговори на што се должат долговите и дали тие се само резултат на недомаќинско работење кое апсолутно треба да биде санкционирано“, сугерира универзитетскиот провесор Марија Зарезанкова Потевска.
Дополнително, таа смета дека е потребна и анализа околу буџетите на сите општини, дали се тие доволни за нормално функционирање, односно дали вака поставена децентрализацијата е фискално одржлива:
„Треба длабока анализа и мерки како тоа да се надмине. Се разбира оние кои што не работат добро прашање е дали и треба да опстојат како општини. Зошто да има потреба од некои општини ако не се функционални и одржливи. Порано, кога имаше 34 општини се функционираше подобро, но ете се инсистираше на овој начин на децентрализација. Лично сметам дека политичарите не се доволно свесни за ова. Ќе им се даде буџет, кој гледаме дека не секаде знаат да го раководат. Во секој случај тоа треба да биде многу казниво, а не само да им се простува и да се даваат финансиски поддршки за покривање на минусите“, коментира Зарезанкова Потевска.
Неизмирени обврски
За спречување на акумулирање на долгови владата преку законски измени ќе воспостави механизам. Идејата е да се воведе фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа:
„Преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои општините креираа неизмирени обврски во претходните години. Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.
Во Македонија има 80 општини плус Град Скопје. Процесот на децентрализација започна во 2002 година кога беше донесен Закон за локална самоуправа со кој се дефинираа надлежностите и обврските на општините. Три години подоцна, во јули 2005 година стартуваше и процесот на Фискална децентрализација. 13 години подоцна, овој процес е далеку од заокружен. Поголем дел од општините воопшто и ги немаат исполнето потребните критериуми.