1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта почна погребна церемонија за Договорот од Пржино

Катерина Блажевска19 мај 2016

Суспендирањето на техничката влада од страна на ДУИ и ДПМНЕ го погребува Договорот од Пржино, ја засилува политичката диктатура и води кон нова радикализација, предупредуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1IqIj
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Власта токму во Собранието го започна погребот на Договорот од Пржино. Ова е доминантната оценка на аналитичарите со кои разговараше ДВ, откако вчера владејачкото мнозинство во парламентот ги констатираше оставките на социјалдемократските министри и заменици, кои беа доставени како условни, поради непостоење услови за организирање фер-избори на 5-ти јуни. Вчерашното одложување на изборите не го спречи мнозинството да ги врати на сцена своите министри, под палката на техничкиот премиер. По ваквото сценарио на коалициските партнери, функционери на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во јавни настапи го прокламираа и ставот дека „останува уште да се укине Специјалното јавно обвинителство, за да може земјата конечно да излезе од оваа криза“.

Charles Edmund Garrett britischer Botschafter für Mazedonien
Чарлс Гарет: Пржино не е мртовФотографија: Katerina Blazevska

„Не, Пржино не е мртов и закопан. Сѐ уште е правилна рамка за одржливо решение“, напиша вчера на Твитер, британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.

Вовед кон радикализација

Но, неговиот оптимизам не го делат сите. „Ова е скандалозно однесување на Ахмети и Груевски“, вели професорот и амбасадор, Ѓорги Спасов.

„Во моментот кога од Могерини и Хан доаѓаат честитки за одлуката на Уставниот суд и кога се изразува надеж за почитување на Договорот од Пржино, тие носат одлука која реално значи негово погребување. Стана јасно дека Груевски и Ахмети имале договор Уставниот суд да ја прифати одлуката за одложување на изборите, но под услов ДУИ да гласа за укинување на техничката влада. Со тоа, заеднички ја вратија на власт владата која ги фалсификувала изборите, која ги прислушуваше граѓаните, која заради откриена корупција и злоупотреби треба да одговара врз основа на истрагите од СЈО, и влада која не можеше да организира кредибилни избори. Двајцата решиле да се оглушат на барањата од меѓународната заедница, да ја засилат политичката диктатура и да ги уништат шансите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО“, оценува Спасов.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Однесувањето на Али Ахмети е запрепастувачко, оценува СпасовФотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, додека однесувањето на Груевски е сосема јасно и предвидливо, запрепастувачко е однесувањето на Ахмети, кој постојано се колне во соработката со меѓународната заедница и почитувањето на препораките.

„Сето ова конечно ќе води кон радикализација на протестите и кон поостри судири, кои можеби на Ахмети и Груевски ќе им дадат шанса за воведување на отворена диктатура. Европа и граѓаните на Македонија тоа не смеат да го дозволат. Со ова Груевски и Ахмети ги фрлија под нозе сите инвестиции на ЕУ и на САД во надминување на кризата во Македонија. Тоа е јавно понижување и на Хан, и на Могерини, и на сите кои со месеци веруваа дека зборот е збор и дека овде има кој да ги разбере нивните пораки“, констатира Спасов.

Голем „прогрес“

Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, кој по првата посета пред една недела денеска повторно доаѓа во Скопје, ќе биде дочекан со првиот „прогрес“ постигнат во негово отсуство: замена на техничката со старата влада. Но, изгледа дека тоа не е сѐ.

„За една недела, на премиерската функција ќе се врати и Никола Груевски“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Хаjндл, како што е соопштено „повторно ќе разговара со партиите-потписнички на Договорот од Пржино“, но според политиколозите, тој прво ќе мора да констатира колку од нив де факто се простиле од Договорот. Предвидено е специјалниот пратеник да разговора со шефот на државата, Ѓорге Иванов, и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Теми ќе има многу, а најжешката меѓу нив и натаму е одлуката за аболиција.

Belgien Brüssel Federica Mogherini, left, and EU Enlargement Commissioner Johannes Hahn
Могерини и Хан бараат повлекување на аболицијатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert

„Помилувањата од 12-ти април мора да бидат повлечени без какво било одложување за да се зачува принципот на одговорност, да се преземат мерки во врска со загриженостите за неказнивост и да се избегне селективна правда. Фундаментално демократско право е сите граѓани да бидат еднакви пред законот“, порачаа вчера шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан.

Оваа, но и други идентични пораки, досега на фатија корен на посочените адреси.

Ивон Величковски, претседател на Либералната партија, вели дека Груевски продолжува да блефира, овој пат со асистенција на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и технички премиер, Димитриев, но тој блеф нема да го запре барањето за поништување на аболицијата од Иванов.

„Последново изигрување во маалски стил е нов товар за Груевски, без оглед колку тој посакува да изгледа 'победнички'. Прва последица е што станува јасно дека каква било проекција на изборен датум веќе е надвор од здравиот разум. Груевски си замислува дека ќе ги дисквалификува напорите на високите странски претставници, во нивно присуство. Убеден сум дека меѓународната заедница не само што ја разбра пораката, туку има предвидено и соодветен одговор. Конкретно, мислам дека набрзо ќе сфати дека тој се дисквалификувал самиот себеси и неговите први соработници и извршители“, оценува Величковски.

Тој е уверен дека сега е време да се искористи единствениот корисен производ на пржинскиот договор - СЈО.

„Овозможувањето на работата на СЈО и поништувањето на аболицијата е првата можна точка за надминување на разликите меѓу партиите што го поддржуваат СЈО – меѓу опозициските партии, ДУИ, ДПА, а можеби и делови на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа веќе ја легитимира оправданоста од напуштање на техничкиот карактер на Владата, односно барањето мнозинство за нов тип - транзициска, концентрациона, експертска...“, сугерира Величковски.

Различни правни лекови против аболицијата

Засега нема информации дали тема на денешните разговори со Јоханес Хајндл и Хојт Ји ќе биде и евентуално нов формат на владата, или фокусот ќе биде ставен на вчерашното суспендирање на техничката. Според професорот Ненад Новковски, одлуката за разрешување на министрите Ременски и Спасовски е кршење на времената мерка на Уставниот Суд, со која се запираат сите дејства произлезени од одлуката за распуштање на Собранието.

Mazedonien die neue mazedonische Übergangsregierung
Техничката заменета со старата влада. Палката останува кај Димитриев?Фотографија: MIA

„Токму на таа одлука за самораспуштање на Собранието се засноваат и оставките поднесени до Собранието од наведените министри, а кои парламентот вчера ги прифати. Со тоа повторно владејачката коалиција направи тешко прекршување на Договорот од Пржино и актите произлезени од него. Највениот обид за реставрирање на претходната влада би бил само непотребно заострување на кризата и колку побргу се откажат од него, толку помали ќе бидат штетите. Таквите обиди ќе се соочуваат со пожестока реакција од јавноста и од меѓународната заедница. Очекувам дека и оваа грешка набргу ќе ја поправат и дека во иднина ќе почнат подобро да соработуваат во реализацијата на Договорот за излез од длабоката институционална криза. Време е да извлечат поука дека имаме јасен пат кон евроатлантнска интеграција, кој треба да се следи без застои. Својот товар на одговорноста секој треба да си го понесе“, порачува Новковски.

Но, на повидок засега нема сигнали за заедничка соработка, дури ни за темите за кои постои согласност, како што е поништување на аболицијата. Партиите од денеска на различни начини ќе бараат механизми за решавање на овој проблем. ДУИ најави дека ќе предложи два амандмани за дополнување на Законот за помилување. Според едниот, шефот на државата ќе има право да ја укине аболицијата за сите 56 лица, а според вториот, да може одделно да ја повлекува на барање на лицата што ги помилувал. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека претседателот може да ја повлече аболицијата само на барање на помилувано лице. СДСМ, пак, бара Законодавно-правната комисија преку автентично толкување на Законот за помилување да утврди дека членот 11 од законот не постои, и дека по таа основа Иванов не можел да донесе одлука за помилување.