1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ го легализираше тивкиот бојкот

12 септември 2018

„Секој дa постапи по свое убедување“, значи секој да реши дали ќе излезе да гласа. Зборот „гласање“ не се спомнува. И одлуката и говорот на Мицкоски се подготвени многу порано, знаеме од кого, велат членови на партијата

https://p.dw.com/p/34iT0
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Со донесената одлука ВМРО-ДПМНЕ практично го легализира тивкиот бојкот. Ова е заклучокот на незадоволни членови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се залагале партијата да ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот „за“ или „против“ по свое убедување. Но, партијата доцна синоќа донесе поинаква одлука.

„Донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, соопшти партискиот претседател Христијан Мицкоски.

„Јас сум убеден дека знаете што треба да направите. Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам, и дека ова што ви го кажувам допира до секој од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија ѝ е потребна мудрост и обединетост“, порача Мицкоски.

„Секој да 'постапи' по свое убедување, значи секој да реши дали воопшто ќе излезе да гласа. Дури и дел од медиумите погрешно информираа, пренесувајќи дека Мицкоски повикал секој да гласа по свое убедување. Зборот 'гласање' во одлуката воопшто не се спомнува. Практично, ова е легализација на тивкиот бојкот кој на терен се заговара во целиот период додека траеја наводните консултации со граѓаните“, велат членови на партијата.

Според нив, одлуката била донесена многу порано, исто како што многу порано бил напишан и говорот на Мицкоски, кој траеше 18 минути и 40 секунди.

„Тој говор не е напишан по состаноците, туку претходно, од некој друг, знаеме кој“, велат истите извори.

И пред да биде соопштена партиската одлука, комуникологот Петар Арсовски предупреди дека евентуалниот повик „секој да постапи по сопствено убедување е повеќе повик за бојкот, отколку да се гласа против“.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Мицкоски во своето обраќање не го спомна зборот бојкот, туку го искористи синонимот „апстиненција“Фотографија: Petr Stojanovski

Апстиненција наместо бојкот

Партискиот претседател во своето обраќање се потруди воопшто да не го спомне зборот бојкот, и го искористи синонимот „апстиненција“. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ имала консултации со граѓаните, дека „меѓу народот реално постојат различни мислења за апстиненција или да се гласа против, но и оние малку кои сметаат дека треба да се поддржи“. Притоа потенцираше дека „Договорот со Грција за смена на името е документ кој тој и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаат“.

„Со овој договор се менува Уставот, се менува институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет на еден народ и една држава, се менуваат патните исправи, личните документи. Се прифаќа комисија за разгледување и ревидирање на културата и традицијата, што ќе отвори пат во иднина јужниот сосед да ги блокира евроатланските интеграции на државата и да може тоа да го стори кога сака и како сака“, рече Мицкоски.

Повеќе: 
Мицкоски и математичката (не)прецизност: 2 + 2 = 5?

Обраќањето во најголем дел го искористи за да упати бројни критики до Владата.

„Во моментов Македонија е скапоцен авион даден во рацете на адолесценти, кои го знаат својот интерес и своите потреби, ама немаат чувство да управуваат со авионот, а од тоа управување зависат многу човечки судбини (...) Ќе ја цитирам германската канцеларка Меркел, која порача дека освен Договорот треба отворено да се каже дека има и одредени други предуслови што треба да се исполнат. За тие услови да се реализираат треба работа, труд и визија, такви во Владата на СДСМ и Зоран Заев не гледаме“, обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот го повика премиерот Заев на тв-дуел, а самиот избега од соочување и одговори на новинарски прашања.

Mazedonien Wahlen
За иднината на Македонија сите треба да го дадат својот придонес, порачаа од коалицијата „Заедно за европска Македонија“Фотографија: DW/ P. Stojanovski

А какво е убедувањето на Мицкоски?

Првата реакција на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ стигна од коалицијата „Заедно за европска Македонија“, која го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да разговара и да биде посветено на иднината на европска Македонија.

„Има уште време до референдумот да се охрабрат и да одлучат да останат на зборот и на нивната повеќедецениска позиција - членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност и одлучност. Овој историски момент ги повикува членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат иднината на Македонија во европското семејство. Ние можеме да имаме политички разлики и да продолжиме со секојдневните политички битки. Но, за иднината на Македонија сите треба да го дадат својот придонес“, порачаа од Коалицијата.

Професорот и амбасадор, Ѓорги Спасов, коментирајќи ја одлуката „секој да постапи според своето убедување“, прашува: А има ли Мицкоски како водач свое лично убедување?

„Можно ли е да каже како тој лично ќе постапи за време на референдумот според тоа убедување (...) Вечерва тој кажа: Што и да се случи на референдумот, јас за тоа немам каква било одговорност. Јас ќе ја почитувам волјата на народот. Со други зборови: Јас следам. Јас не водам“, заклучува Спасов.

Новинарот Сашо Орданоски во колумна под наслов „Совеста е многу растеглива материја“ оценува дека со ваквата одлука се обезбедуваат неколку работи.

„Прво, партијата веќе од полноќ да не се распадне одвнатре со кавги во раководството и јавни фракциски објави за тоа што треба да се прави по повод референдумот. Второ, популистиве 'да ѝ се поклонат' на одлуката на 'народот' на успешниот (консултативен) исход од референдумот. И трето, најважно, да се зачува позицијата за пазарење во Собранието кога ќе дојде ред да се гласа промената на Уставот“, коментира Орданоски.

„ВМРО е против Договорот, не затоа што тој документ го загрозува националниот идентитет, туку затоа што го потврдува и ја обесмислува неговара арбитражна улога во тие прашања“, пишува новинарот Бранко Тричковски.

„ВМРО застана на спротивната страна од историските стремежи и интереси на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија, решавајќи да го одбие пакетот на Договорот со Грција и евроатлантските интеграции на земјата, за сметка на битката за власт со становиште дека ништо во Македонија не може да се смени додека тие не се фатат за кормилото на нашиот брод“, пишува Тричковски, коментирајќи ги мотивите за ваквата партиска одлука.