1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Талат Џафери

ДТЗ
30 мај 2022

Опозицијата обвинува за бројни скандали поврзани со работењето на собранискиот спикер и побара од него да не ја „крие интерпелацијата во фиока“.

https://p.dw.com/p/4C2Gq
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ денеска во Собранието ја поднесе интерпелацијата за собранискиот спикер Талат Џафери. Тие побараа поддршка од владејачката СДСМ за да се изгласа интерпелацијата. Опозицијата смета дека откако Џафери е избран за претседател на Собранието, сѐ почесто граѓаните се сведоци на скандали поврзани со неговото работење. 

Никола Мицевски, координатор на  пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ вели дека интерпелацијата е резултат на „хаосот кој што се случува во Собранието, а е под директива на Џафери и како резултат на сѐ почестото кршење на Деловникот, како и самоволието кое што го спроведува Џафери во законодавниот дом, со што сериозно го загрозува угледот на оваа институција“. 

„Ги повикуваме сите пратеници од овој парламентарен состав да се приклучат кон оваа интерпелација и заедно сите да ставиме крај на овој човек кој што си ја има присвоено оваа функција и се однесува како да има право да навредува, да пцуе, да омаловажува и да заклучува пратеници. Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот, кога треба да се стават настрана партиските договори и да застанат во одбрана на, пред сѐ човековите права, а потоа и во одбрана на Собранието“, порача Мицевски. Тој апелираше Џафери да ја стави интерпелацијата на пленарна седница, а не „да ја крие во фиока“.  

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Расправиите траат веќе неколку недели, откако се појави спорната снимка во која што Џафери со висок тон разговара со вработени во собраниските служби. Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Од СДСМ го изнесоа својот став дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ намерно прават скандали со намера да предизвикаат инцидент. И од ЛДП порачаа дека нема да ја поддржат интерпелацијата, бидејќи сметаат дека ова е дел од стандардниот политички циркус на ВМРО-ДПМНЕ со цел дефокусирање од реалните проблеми.

-повеќе на темата: Талат Џафери влегува од скандал во скандал

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ бара одговорност од Џафери откако тој во средата (25.05) ги заклучи вратите во собраниската сала. Координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека „пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, за кого не постои Деловник и не постојат човекови права“. Но, од кабинетот на собранискиот спикер го тврдат токму спротивното: ваквата постапка ја дозволува Деловникот со цел да воспостави ред во собраниската сала. Според Џафери, целта била да се избројат пратениците присутни на седницата.

Расправиите траат веќе неколку недели, откако се појави спорната снимка во која што Џафери со висок тон разговара со вработени во собраниските служби.