1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ со остар гард кон амбасадорите

17 декември 2016

На средбата со Груевски, на Бејли му било укажано-врз коалициите „влијаат и надворешни фактори“, а на Жбогар-„постапките на голем број револтирани граѓани не може да се предвидат ако институциите не работат според закон“

https://p.dw.com/p/2URtM
Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Две соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ од вчерашните одвоени средби со абасадорите на САД и ЕУ, навестуваат остар гард на партијата кон дипломатите и дистанцирање од можно незадоволство од „револтирани граѓани“ по одлуките на ДИК и Управниот суд. Амбасадорот на САД, Џес Бејли, кој вчера имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше дипломатски воздржан во одговорот за содржината на разговорот.  

„Само што имав средба со господинот Груевски. Ја ценам можноста да разговараме за изборите и за случувањата понатаму. Како што знаете, САД се партнер на оваа земја. Ќе имам слични средби со другите политички лидери кои обезбедија мандати на овие избори“, изјави Бејли по средбата со со Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ: Има влијание од надворешни фактори

За разлика од амбасадорот, ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение открива многу повеќе детали за што се разговарало на средбата со Бејли, на која покрај Никола Груевски присуствувале и партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев и Александар Николоски.

„Амбасадорот на САД на средбата се интересираше за неколку прашања. На прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори. На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат“, соопшти партијата.

Притоа се наведува, дека на прашањето на амбасадорот Бејли - дали во тој поглед може нешто да помогне, му било одговорено дека не може да помогне, пред се, затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му била изразена благодарност за тоа.

„Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот“, се наведува во соопштението.

Како што информира партијата, амбасадорот Бејли потенцирал дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став. Му било одговорено дека „ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа не значи дека некои поединци, партијата или државата не може да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги претставуваат САД“.

Средбата на амбасадорот на САД со врвот на ВМРО-ДПМНЕ уследи по протестот на оваа партија пред седиштето на ДИК, но и пораките што од таму ги испрати директорот на Државниот архив, Филип Петровски, до неименуван амбасадор.

„Да му пратам и личен поздрав на амбасадорот и да му кажам: Не ги закрвувај односите на двете држави, одлични се, и ги градиме четврт век. Ти си и онака на заминување. Ќе дојде амбасадор кој ќе ја почитува повеќе Македонија. Тргни се од Државната изборна комисија, не им давај сила да прават немири, не ни треба нов Таксим и нов Киев. Во Македонија победи македонскиот народ и немој да го провоцираш веќе“, му порача Петровски на „амбасадорот“.

Proteste der VMRO-DPMNE-Anhänger in Skopje
Протести на приврзеници на ВМРО ДПМНЕ пред ДИКФотографија: DW/P. Stojanovski

Брисел загрижен од реториката

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја информираше јавноста и за средбата на  Никола Груевски и партиските функционери Владимир Ѓорчев, Александар Николоски, Никола Тодоров и Никола Попоски, со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

„На состанокот со амбасадорот на ЕУ, Жбогар покрај честитката за успешно спроведените избори, пренесе неколку пораки од Брисел, поточно пренесе дека Брисел цени дека изборите биле слободни и фер, имало голема излезност, дека тоа е многу позитивно примено во Брисел и дека иако имало многу негативни претпоставки во однос на изборите и изборниот ден, сепак имаше мирна кампања и мирен изборен ден. Амбасадорот додаде дека Брисел очекува парламентот што поскоро да почне да работи и да се избере влада, и потенцираше дека е добро доколку се обезбеди поширока поддршка во Парламентот поврзана со реформската агенда која е дел од процесот од зачленување во ЕУ. Тој нагласи дека Брисел повикува на лидерство со целпротестите пред ДИК да не излезат од контролаи изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демострациите. Нагласи и дека ЕУ не се меша во работата на ДИК“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од страна на партијата била изразена благодарност за честитките за слободните и фер избори.

„Се потенцира дека партијата е повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои беа преземани при протестите кои се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на претседателот на државата, кршење и уништување на државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата, и редица други слични постапки. ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека поддржува мирни демонстрации и не поддржува говор на омраза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ се согласила дека европската агенда треба да е приоритет на новиот парламент и на новата влада, но изразила разочараност од некои одлуки на ДИК. Притоа информирала дека на ДИК и било предочено дека веќе постои судска пракса во Република Македонија, со која е одлучено дека ако на некое лице му било ускратено правото на гласање, истото лице има право да бара заштита на своето избирачко право, и нема основ за поништување на истото изборно место, посебно ако се земе предвид дека тој глас нема влијание на конечните резултати.

„Амабасадорот потенцираше дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбира конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд доколку има жалба на одлуките на ДИК. На крајот на средбата амбасадорот уште еднаш посочи дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, на што беше одговорено дека не може да се предвиди што ќе се случи, бидејќи има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Proteste der VMRO-DPMNE-Anhänger in Skopje
ВМРО ДПМНЕ е разочарана од некои одлуки на ДИКФотографија: DW/P. Stojanovski

Меѓународната заедница се меша!

Груевски и партиските функционери Владимир Ѓорчев, Антонио Милошоски и Зоран Јолевски, оствариле средба и со норвешкиот амбасадор, Арне Санес Бјорнстад. Како што соопшти партијата, на средбата ВМРО-ДПМНЕ го осудила обидот на партиите кои ги загубиле изборите преку поголем број жалби да издејствуваат незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на волјата на граѓаните.

„На прашање на амбасадорот, беше одговорено дека во последните две години во Република Македонија имаше сериозно мешање на одредени претставници на меѓународната заедница во внатрешните работи на земјата, и внатреполитичките и меѓупартиски работи. Тоа, иако подзадскриено, беше присутно од одредени фактори и во предизборниот и за време на изборниот период. Таа пракса треба да запре“, било потенцирано од ВМРО-ДПМНЕ на средбата.

ДИК ќе решава за последниот приговор

Седницата на ДИК за партиските приговоривчера беше прекината и ќе продолжи денеска во 11 часот, кога ќе се разгледува последниот приговор од СДСМ. Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ и вчера протестираа, а тензиите се зголемија и завршија со фрлање петарди на седиштетото на ДИК, откако со шест гласа за и три против беше прифатен приговорот на „Беса“ и се поништи гласањето во Гостивар. Епилогот следуваше по вештачењето на графологот, кое покажа дека потписот во избирачкиот список не е автентичен со оној во личната карта на Фатиме Сулејмани. Таа на јавното сослушување тврдеше дека не можела да гласа затоа што веќе некој друг се потпишал на нејзино место.

Дали ќе има прегласување во изборното место, ќе се знае откако ќе поминат роковите за тужби до Управниот суд, кои партиите можат да ги поднесат по одлуките на ДИК за приговорите.

„Повторувањето на гласањата се реализира во случај доколку вкупниот број на запишани избирачи во избирачкото место каде гласањето е поништено, влијае на целокупниот резултат за изборната единица“, изјави Љупка Гугучевска, портпарол ДИК.