1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО свртена наопаку

12 октомври 2020

Инструментализацијата на ВМРО заради блокирање на евроинтеграцијата на Македонија, со злоупотреба на принципот на консензус на ЕУ, може да се разбере само како работа на руско-српска инсталација. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/3jmit
Dimitar Dimitrov, ehemaliger Professor Philologische Fakultät in Skopje, Nord-Mazedonien
Фотографија: privat

„За политичка слобода ние се бориме, и штом таа се извојува, организацијата го губи правото на своето постоење."

Христо Матов, Македонската револјуционна система, ВМРО,2001,стр. 208.

Така големиот стружанец, пред 112 години, ја дефинирал идеологијата на ВМРО. Состојбата на „Македонија под ропство“ (Павел Шатев), ја наложила револуционерната организација. Кога Македонија ќе се ослободи, за неа ќе важат принципите на либералната демократија. „Политиката на терор“ (Данкан Пери), била изнудена од државниот терор на Отоманската Империја (подоцна и на Србија и Грција) и како таква била контратерористичка. Без претпоставката на државен терор, револуционерната организација губи секаков легитимитет.

Во духот на оваа изворна стратегиска ситуираност на ВМРО, потомците на генерацијата на Матов денес се борци не на револуционерниот, туку на демократскиот систем. Во услови на парламентарна демократија, актуелизацијата на ВМРО е во спротивност и со револуционерниот, и со демократскиот систем.

За жал, таква актуелизација на ВМРО се врши дури во две земји со парламентарни системи – во Македонија и во Бугарија, со тенденција од паралелизам на две Македонии и две Бугарии. По една уставна и по една вонуставна.

Во македонскиот случај станува збор за ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство). Во Бугарија – за ВМРО–БНД (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Бугарско национално движење). Уште по неколку други партии посегнале по ВМРО, но споменатите две се издвојуваат со своето влијание врз политиките во двете држави.

Што бара ВМРО во плурализмот?

Прво прашање што се поставува е – што бара ВМРО во плурализмот? Во плурализмот има место за неограничен број партии, но не и за револуционерни организации. Во него ВМРО е во колизија со системот на уставите на Македонија и на Бугарија, со нивниот сојуз во НАТО, со принципите на ЕУ и, пред се`, со „македонскиот револуционерен систем“, т.е., како што сега велиме, со историската ВМРО. Поразно е за двете земји, што за вакви антисистемски политички субјекти се дадени „народни“ гласови, што македонското Собрание ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници (од вкупно 120), а лидерот на ВМРО-БНД е министер за одбрана и потпретседател на бугарската Влада.

Веќе по сила на името, овие партии, наместо да се фокусираат на уставните реалности на државите Македонија и Бугарија и на нивното позиционирање во регионот, во Европа и во светот, тие талкаат низ лавиринтите на минатото, кои практично се разрешени во актуелната констелација на Балканот, Европа и планетата. Таа констелација не е создадена по ничија исклучителна волја, но таква каква што е, историски е најповолна за двете држави. Во неа е вткаена и самата историска ВМРО, во мера каква што била можна. Па опструирањето на македонската држава и на добрососедските односи меѓу  двете држави, со повикување на ВМРО, е апсурдно.

Така ВМРО-ДПМНЕ не ги признава договорите со Бугарија и со Грција, бидејќи тие ги предавале името, јазикот и идентитетот. Се` е тука наопаку. Името државата вистински го имаше изгубено со задоцнетата апликација во Обединетите нации под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, а со Преспанскиот договор си го врати како актуелна држава, со географска определница „северна".

На Преспанскиот договор, што ги отвори портите на Македонија во НАТО и во ЕУ и го официјализира македонскиот јазик во ЕУ, таа партија му ја противставува како изворна ВМРО пропагандата на грчката Македонска борба (Македоникос агон) – грчкиот македонизам, што проповедал преродба на славофоните во потомци на античките Македонци. Таа пропаганда ВМРО-ДПМНЕ ја преточи во изборна програма Преродба во сто чекори и во Проект Скопје 2014.

Да била таква работата, немало да ја има ни ВМРО, ни Балканските војни. Македонија ќе останела цела, но ќе била дел од Грција. Овој Тројански коњ го јавал Каравангелис. Груевски и Мицкоски се војводите Коте Христов и Вангел Георгиев, кои поминале на негова страна. За Гоце Делчев во оваа приказна нема место. А саботирањето на меѓусоседските договори, е акт против ВМРО и против државата.

За среќа, Грција со Преспанскиот договор се откажа од својот македонизам и согласно правото на самоопределување призна македонска нација и јазик кои не се од античко-македонско, туку од словенско потекло. Но овој влог во далекусежно помирување, во перспектива на европеизација на регионот и на создавање европски идентитет, неочекувано доби противник во лицето на бугарската ВМРО. Сега таа партија ја предводи тезата на грчкиот македонизам „Ден ипархи (нема) македоникос етнос". Т.е. нема Македонци кои не се Грци, односно нема Македонци кои не се Бугари.

Така двете партии соименички станаа сојузнички во оспорувањето на Преспанскиот договор. Едната затоа што бил премалку македонски, другата затоа што бил премногу македонски. Во суштина, тоа се две химери што меѓусебно се негираат, на маргините на чудесниот заеднички подвиг на Бугарија, Грција и Македонија, што Балканот го направи конститутивен дел на европската идеја.

Превртена историја

„Што е ВМРО? Внатрешна Македонска Револуционерна Организација. Тогаш што бара во Бугарија“ (коментар на читател на бугарскиот весник Дневник). Името ВМРО-БНД е класика за иредентизам, во момент кога Бугарија и Македонија се престижни независни држави, членки на НАТО, едната членка и на ЕУ, другата на пат да стане тоа, ползувајќи ја поддршката на членката според договорот за пријателство. Наспроти тој реален резултат на вековниот од по маките во две независни држави, со шанса да постигнат заедничка иднина во ЕУ, таа партија следи превртена историја, што ја негира реалната. След Берлинскиот конгрес, ниту „покровителката“ на славјанските и на православните народи, ниту Кнежеството Бугарија можеле пресудно да влијаат врз судбината на територијата вратена на Турција. Она што не го постигна Бугарија со Балканските војни и во двете Светски војни, сега Каракачанов сака да го постигне со свртување на ВМРО во бугарско национално движење, спротивно на реалното позиционирање на изворното ВМРО. „Нашето внатрешно чувство и мисла – пишува нејзиниот прв претседател – се движеа повеќе околу општобугарскиот идеал – присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Но требаше (...) да водиме реална политика – автономија на Македонија во нејзините географски и етнографски граници.“ (Христо Татарчев,  ВМОРО като митологична и реална с`штност, 1995, стр. 25.)

Сведочењето на Татарчев оди под рака со менувањето на името на организацијата. Прво таа фигурирала како „Бугарска-македоно-одринска“. После „бугарска“ и „одринска“ се изоставени и заменети со „внатрешна“. Основачите се сообразиле со фактот дека по конституирањето на кнежеството, Бугарија спрема Македонија се поставила во ист однос како Грција и Србија. Така што партијата со име Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Бугарско национално движење, претставува ноторен историски фалсификат.

ВМРО денес може да биде само на страната на двата меѓусоседски договора. Современи Делчевци се протагонистите на тие договори, на линија на „обединет Балкан во обединета Европа“, како што гласи девизата на Балканскиот политички Клуб, инициран од Желју Желев. Инструментализацијата на ВМРО заради блокирање на евроинтеграцијата на Македонија, со злоупотреба на принципот на консензус на ЕУ (!), може да се разбере само како работа на старинска руско-српска инсталација.
Одбивам да прифатам дека документи со таква инспирација добиле печат на бугарската држава!

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи