„Во Германија не тече мед и млеко“
19 октомври 2019За Петра Каленбах зборува документарниот филм „Бугарски сон“ на босанскиот режисер и продуцент Срѓан Шаренц. Меѓутоа, Петра не е осамен случај; таа е пример за сиромаштија во староста во Германија.
ДВ: Протагонистката на Вашиот филм е сиромашен пензионер, кој одлучува да ја напушти матичната земја и да бара подобар живот во друга земја. Таа не го знае јазикот на земјата во која оди, нема пријатели во таа земја, но сепак одлучува да ја направи оваа промена. Ова е сценарио кое им е познато на стотици илјади луѓе од различна возраст, кои сонуваат да имаат подобар живот во Германија. Но, Вие го уривате клишето, Вашата протагонистка е Германка кој ја напушта оваа земја.
Шаренац: Да, Петра Каленбах на 65-годишна возраст одлучува дека сака подобар квалитет на живот затоа што има месечна пензија од 700 евра и кога плаќа кирија од 500 евра месечно и други трошоци, и’ остануваат на располагање само околу 20 евра. Таа сака многу повеќе од животот и смета дека третата животна доба не е само период во кој се чека смртта, туку можност за започнување нов живот. Јас, всушност, сакав да ја прикажам како херој, кој на 65-годишна возраст одлучува да се пресели во Бугарија, чиј јазик не го знае, дури и не ја познава кирилицата, но сака поквалитетен и побогат живот отколку во Германија. Во Хамбург, таа дури иодеше по хуманитарна помош, која се дистрибуираше еднаш неделно.
Во Германија, оние со помалку од 917 евра месечно се сметаат за сиромашна лица. Но, во Бугарија сепак ја доживуваат како богата Германка. Колкава е нејзината пензија во однос на бугарскиот стандард?
Таа во Бугарија може да живее добро со нејзините 700 евра. Изнајмувањето стан во Хамбург чинеше 500 евра месечно, во Бугарија пак станот го плаќа 155 евра месечно. И преостануваат многу повеќе пари отколку во Германија, и таа всушност живее многу поквалитетен живот и може да си дозволи да оди во театар и во кино, може да излезе на вечера, ... Значи, сето она што не можеше да си го дозволи во Германија, иако е родена Германка и иако го поминала целиот свој живот таму и заработила германска пензија.
Како на неа гледаат Бугарите? Со какви културолошки предизвици и предрасуди се соочува во Бугарија?
Бугарите ја прифатија одлично. Првиот ден кога дојде, ја запозна нејзината сосетка Станка, која живее во истата зграда, и тие почнаа да комуницираат. Со оглед на тоа дека тие не зборуваат никаков заеднички јазик, Станка не зборува германски или англиски, а Петра не зборува бугарски, тие двете комуницираат тако што седнуваат на компјутер и користат google translate и на тој начин се разбираат. И, дури и кога оди на пазар или на друго место, таа секогаш комуницира со помош на преведувачот на Гугл или со традуке, и многу се чести сцените во кои таа зборува на германски и тие на бугарски јазик совршено се разбираат.
Финансиите се секако главната причина зошто Петра замина да побара подобар живот во Бугарија. Но, дали тие се и единствената причина? Дали се обидува да се спротивстави на растечкиот феномен на осаменост во развиените индустриски земји?
Тоа е апсолутно точно. Петра живееше сама во Хамбург и откако се пресели во Бугарија таа повеќе е опкружена со луѓе кои живеат во нејзината зграда и кои можат да разговараат со неа и кои исто така се во пензија.
Дали конечно Петра го оствари бугарскиот сон?
Да. Да. Петра сега живее во Бугарија веќе шест години. Таа сè уште е во малиот град Каварна, каде отвори уметничка галерија и ги изложува своите слики.
Голем број луѓе од Западен Балкан ги напуштаат сопствените земји и заминуваат токму за Германија. Дали овој филм го урива стереотипот за Германија како ветена земја?
Кога го снимав „Бугарскиот сон“, целта ми беше да урнам некои предрасуди. Од гледна точка на Балканот, ние всушност гледаме на Германија како на совршена земја, најбогата земја на ЕУ и мислиме дека таму тече мед и млеко. Јас всушност со мојот филм сакав да го урнам овој стереотип и да се покажам дека има сиромашни слоеви на население и во Германија, како што се германските пензионери. Многумина од нив целиот работен век го поминале во Германија, работејќи 35-40 години, за на крајот да завршат со пензија од 700-800 евра, со која тие тешко, тешко преживуваат.
Исто така им покажувам не само на луѓето од Балканот дека мед и млеко не течат во Германија, но јас всушност сакам да им покажам и на германските и на другите пензионери дека ако не можат да преживеат со својата пензија во сопствената земја, сепак има излез, дека не треба да бидат очајни.
Податоците говорат дека не само што бројот на сиромашни пензионери во Германија е зголемен за 50 проценти во однос на 2006 година, туку и оти ќе има зголемување на бројот на сиромашни пензионери и во наредните 20 години. Како го гледате тоа?
Јас би сакал мојот филм да предизвика дискусија на оваа тема и на некој начин да доведе до подобрување на стандардот на генерацијата која е во третата животна доба. Ако тоа биде успешно, би бил многу среќен како автор.
Ние на Балканот се соочуваме и со фактот дека сите што го поминуваат својот работен живот овде не можат да живеат од пензијата и тогаш имаме ситуација во која заедно во ист стан живеат три генерации, затоа што помлади луѓе им помагаат на повозрасните, кои се во пензија, а повозрасни луѓе повторно им помагаат на помладите затоа што тие немаат стан и немаат доволно средства за изнајмување стан и осамостојувањее. Ете тоа е нашето секојдневие.
Срѓан Шаренац е роден во Сараево. Завршил мастер студии по филм и ТВ режија на факултетот за драмски уметности во Белград, како и мастер студии по филм и ТВ продукција на факултетот за медиуми во Ронда, а магистрирал на сценаристика на филмската лабораторија Бингер во Амстердам. Неговиот долгометражен документарен филм, „Село без жени“, освои 14 награди. Покрај режијата, тој е продуцент и копродуцент на наградуваниот филм The Road Movie, во режија на Димитри Калашников. Филмот беше номиниран за Оскар во 2019 година во категоријата најдобар документарен филм. Неговиот документарен филм „Бугарски сон“ премиерно ќе биде прикажан на филмскиот фестивал АЏБ ДОК (Ал Џазира Балкан).