1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија се вози со каршеринг веќе 25 години

Марк фон Липке / Александар Методијев10 јуни 2013

Пред 25 години започна првиот каршеринг во Германија. Тоа што започна со еден автомобил денес прерасна во бизнис-можност која ја користат и големите автомобилски комапнии. Интернетот помага да се развива оваа гранка.

https://p.dw.com/p/18miV

Сето тоа започна во една ноќ на пијанка. Некаде во пролетта 1988 година тројца браќа во Берлин смислуваа како можат заедно да користат еден авотмобил. Еден од нив – Маркус Петерсен, на крајот добил задача да смисли решение. На 10 јуни 1988 година тој во западен Берлин го основа првиот понудувач на каршеринг во Германија наречен „ШтатАуто“.

Но, Германците во секој случај не го измислија каршерингот. Швајцарците во тој поглед беа неколку месеци побрзи. Идејата за каршерингот е едноставна. Да се купи автомобил чини многу пари, згора на тоа поголем дел од времето стои и неискористен. Ако повеќе луѓе делат едно возило, со тоа не се штеди само паричникот, туку од тоа има ќар и природата. За пазарење, екскурзии и транспорт – автомобилот може краткорочно да се изнајми.

„Интересното кај каршерингот е што секаде и секогаш имам пристап до автомобил“, смета основачот на „ШтатАуто“ Маркус Петерсен.

Скромни почетоци

Кридитот од 17.000 германски марки му овозможи на Маркус Петерсен во 1988 година да го започне бизнисот. Изборот на автомобили не бил голем. „ШтатАуто“ нудел еден „Опел Кадет“ стар десетина години. Затоа фирмата и многу барала од своите први 50 корисници. Тие морале да вложат 1.000 марки и месечно да плаќаат по дополнителни 10 марки. Освен тоа, за секој изминат километар се плаќал одреден износ на пари. Автомобилот морал да биде оставен и на истото место, од каде можел повторно да се користи.

Carsharing in Deutschland
Возилата се користат по потреба и повеќе не мора да се оставаат на одредени стојалиштаФотографија: picture-alliance/dpa

Идејата за заедничко користење на автомобилот набрзо се проширила. На почетокот на 90-тите години во се’ поголем број германски градови се создаваа фирми за каршеринг. Некои понудувачи, кои во прв план ја ставаа еколошката цел, односно намалувањето на издувните гасови, започнаа да работат со добивка, иако заработката не му беше највисок приоритет на секој понудувач. И фирмата на Петерсен некое време му носела добивка, но во 2001-ва, кога фирмата во Берлин и Хамбург имала 300 автомобили и 5.000 корисници, почна да работи со губиток. Три години подоцна неа ја купил холандскиот понудувач на каршеринг „Гринвилс3.

Различна понуда

Во меѓувреме каршеринг нуди и Германската железница, за на клиентите да им овозможи да го продолжат патувањето од железничките станици. Во каршеринг се вклучија и големите произведувачи на автомобили „Дајмлер“ и „БМВ“.

DB Carsharing Flinkster
Автомобилите кои Германската железница ги нуди за каршерингФотографија: picture-alliance/dpa

Од 2009-та година „Дајмлер“ ја има својата мрежа на каршеринг наречена „Кар-ту-гоу“ (car2go). Тој нуди нов вид на мобилност без одредени места на паркирање на автомобилите. Корисниците можат преку интернет или смартфон да го најдат најблискиот слободен автомобил во градот. Тие можат да го остават таму каде што ќе им заврши патувањето. Се пресметува според временски единици.

И „БМВ“ во моментов создава слична мрежа заедно со рент-а-кар фирмата „Сикст“. Портпаролот на фирмата „ДрајвНау“ Михаел Фишер воочува промена во автомубилската индустрија.

„Овде веќе не се работи за гласични произведувачи на автомобили, како што е 'БМВ'. Се’ повеќе се развива подрачјето на услуги во мобилноста“, вели Фишер. Интернетот посебно го забрзува таквиот развој. „Повеќе од 90 проценти од барањата до нас стигнуваат преку смартфони“, објаснува Фишер.