1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во декември на избори, во петок техничка влада

Катерина Блажевска31 август 2016

Изборите дефинитивно ќе се одржат на 11 декември. Новинарката Санта Аргирова ќе биде новиот уредник во МТВ во следните сто дена, а петти член на ад-хок телото за медиумски мониторинг - новинарот Љуљзим Хазири

https://p.dw.com/p/1JtJw
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016 година. Тоа е одлуката на која вчерва потпис ставија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, по неколкучасовни преговори во Клубот на пратениците.

Никола Груевски неколку часа претходно замина од лидерската средбата, изјавувајќи дека неговата партија ги прифаќа сите услови и предлози на СДСМ - од номинираниот кандидат за уредник во МТВ, Санта Аргирова, до забелешките за Методологијата за следење на медиумското претставување. Најави дека ќе го прифати и петтиот член на ад-хок телото медиумски мониторинг, во чиј избор ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува, остававајќи ги другите три партии да се договорат за него. Груевски потенцираше дека ќе се врати на крајот на средбата за да го стави неговиот потис на договореното.

По кусата пауза за консулатации меѓу останатите партиски тимови, продолжија разговорите, а набрзо Комисијата за медиумски мониторинг беше комплетирана со одлука нејзин петти член да биде Љуљзим Хазири, новинар од Гостивар и извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ).

Партиските лидери и амбасадорите во одвоени изјави го поздравија постигнувањето на договорот за избори на 11 декември. Но, не изостанаа ни меѓупартиските критики. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази задоволство што конечно се договорени избори.

Успеавме СДСМ да го доведеме во ситуација веќе да не може да ги избегнува изборите. Се им беше удоволено и мораа да потпишат и да излезат на избори каде што народот ќе го даде главниот збор. Граѓаните гледаат кој работи, кој се бори за државата, кој работи да се создадат дела, да се донесат инвестиции, а кој пак работи за да се направи деструкција, кој работи во правец на правење и продолжување на кризи. Народот ќе го казни она што СДСМ и го направи на Македонија“, рече Груевски.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Да не се дрзне некој да посегне по СЈО, предупредува ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека од овој ден режимот на Никола Груевски заминува во историјата и Македонија зачекорува кон подобра иднина.

Се изборивме граѓаните на Македонија слободно да гласаат. Времето на изборно насилство и фалсификување на волјата на граѓаните заврши, а со тоа заврши и времето на режимот на Груевски. На 11 декември ќе ги поразиме сиромаштијата, криминалот, корупцијата, етничките поделби, омразата. Ќе ги поразиме нарачаните судски процеси, хајките, партизацијата на институциите и мафијата. Го предупредуваме Груевски да не помислуваат да го прекршат договореното и да ја заложат Македонија за да си купат уште некој ден слобода. Од правдата нема бегање. Сите знаат под чиј диктат работи Уставниот суд. На уривањето на Специјалното јавно обвинителство жестоко ќе одговориме. Да не се дрзне некој да посегне по Специјалното јавно обвинителство, кое е искра на правдата,“ рече Заев.

Според роковите од договорот, во петок треба да биде изгласана техничка влада во која ќе партиципираат и кадри од опозициската СДСМ, да се имплементираат забелешките во методологијата на АВМУ и да стапи на функција новиот уредник во МТВ.