1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во кој дел од Германија живеат богатите, а каде сиромашните?

Тагесшау | ЕМФ
14 април 2022

Во Германија и натаму има големи разлики во приходите, зависно од регионот во кој се живее. Каде се заработува најмногу?

https://p.dw.com/p/49vju
Deutschland Symbolbild Bevölkerung schwarz rot gelb
Фотографија: ullstein bild - Teutopress

Големата разлика во приходите кои им стојат на располагање на граѓаните помеѓу истокот и западот, но и помеѓу северот и југот на Германија, сѐ уште не е надмината. До ваков заклучок доаѓа Институтот за економски и социјални истражувања (ВСИ) на фондацијата „Ханс Беклер“, кој ги истражуваше економските податоци на германските покраини од 2019 година.

Од сите окрузи во земјата (401 округ) и градови кои не припаѓат на ниеден округ, на врвот без конкуренција е Хајлброн. Просечниот приход на располагање по глава на жител во Хајлброн изнесува 42.275 евра. На второ место е округот Штарнберг со 38.509 евра. За споредба - граѓаните во Гелзенкирхен и Дуизбург, кои се на дното, немаат на располагање ниту половина од таа сума. Просечниот приход во Гелзенкирхен изнесува 17.015 евра, а во Дуизбург - 17.741 евра.

Stadtansicht - Heilbronn
Најголем приход на располагање имаат жителите на ХајлбронФотографија: Christoph Schmidt/dpa/picture alliance

Во просек, на ниво на целата држава, граѓаните имаат на располагање приход од 23.706 евра.

Приход кој стои на располагање, во истражувањето на ВСИ, е дефиниран како примарен приход, значи сумата од приходи од имот и работа минус социјални давачки, даноци и други директни издатоци. Тука се додаваат и социјални услуги и други јавни трансфери, како и осигурувања. Како резултат од сето тоа се добива приходот кој им стои на располагање на приватните домаќинства, а кој може да се троши или штеди. Сето тоа на крајот се дели со бројот на граѓани и се добива приходот по глава на жител.

Deutschland | Coronavirus - Maskenpflicht im Einzelhandel entfällt
Жителите на Гелзенкирхен на располагање имаат најмал приходФотографија: Fabian Strauch/dpa/picture alliance

Како некои домаќинства влијата врз статистиката

Притоа, во некои од помалите места и селски региони, каде има богати домаќинства, а мал број на жители, просечниот приход кој стои на располагање е многу висок и тоа влијае на резултатите од истражувањето.

На пример, тоа што Хајлброн е на врвот се должи, меѓу другото, и на тоа што таму живее сопственикот на Лидл, Дитер Шварц. Во актуелната листа на милијардери на магазинот „Форбс“, богатството на 82-годишниот Шварц е проценето на 47,1 милијарди долари (околу 43 милијарди евра). Тоа го прави Шварц најбогат Германец.

Шефот на Лидл во моментов инвестира огромни суми во својот роден град Хајлброн за да го направи место на наука и образование за иднината. Групацијата на Шварц, со Лидл и Кауфланд, е една од најголемите трговски групации во Европа.

Symbolfoto für Lohnungleichheit
Големата разлика во приходите кои им стојат на располагање на граѓаните помеѓу истокот и западот, но и помеѓу северот и југот на Германија, сѐ уште не е надминатаФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Големи разлики запад-исток и север-југ

Студијата на ВСИ покажува и дека разликата во приходите помеѓу западот и истокот на земјата постои и по три децении од повторното обединување на земјата. Во покраините кои некогаш беа дел од источната ГДР има само еден округ (Потсдам-Мителмарк), каде просечниот приход кој им стои на располагање на граѓаните (24.127 евра) го надминува просечниот приход на ниво на Германија (23.706 евра).

- повеќе: Средниот слој во Германија се топи

Во покраините кои некогаш беа дел од западната СРГ, пак, и натаму има разлики помеѓу северот и југот. Просечниот приход во покраините Баварија и Баден Виртемберг е повисок за околу 2600 евра од остатокот на западните покраини, наведуваат истражувачите.