Советот за безбедност бара крај на борбите во Либија
6 април 2019Советот за безбедност на ОН изрази „длабока загриженост“ поради офанзивата на трупите на моќниот генерал Калифа Хафтар. Од неговата т.н. Либиска национална армија (ЛНА) се бара да ги запре „сите воени дејства“, изјави германскиот амбасадор во ОН, Кристоф Хојсген по итната седница на Советот за безбедност во Њујорк.
Советот бара пред лицето на правдата да бидат изведени сите кои се одговорни за новата ескалација во Либија, додаде Хојсген. Тој оцени дека „за овој конфликт нема воено решение“.
Надлежниот специјален пратеник на ОН, Гасан Саламе, го информираше Советот за безбедност за состојбата во Либија зад затворени врати. Во земјата, по падот на долгогодишниот властодржец Гадафи во 2011 година, владее хаос.
Повеќе:
Либија повторно ќе добива оружје од Западот
Дали Западот ги научи лекциите од Авганистан, Ирак и Либија?
Борците на Хафтар сакаат да го заземат Триполи, каде што е седишто на меѓународно признатата влада на премиерот Фаиз ал-Сараџ. Ал Сараџ и Хафтар, кој прво беше офицер на Гадафи, потоа соработуваше со Американците за да го собори Гадафи, а денес со своите сили е пред Триполи, се борат за превласт во земјата богата со нафта. Одметнатиот генерал има поддршка од Русија, Обединетите Арапски Емирати и Египет. Освен тоа, исто како и владата на Сараџ, и ЛНА на Хафтар е поврзана со многу локални милиции.
Во близина на Триполи милициите блиски на владата вчера водеа тешки борби со трупите на Хафтар. Портпарол на ЛНА изјави дека борците на Хафтар ја презеле контролата врз меѓународниот аеродром во јужниот дел од градот.