1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија засега нема опасност од птичји грип

Александар Чомовски10 јануари 2006

На скопскиот аеродром сеуште ги нема предупредувачките летоци за опасноста, но и за заштитата од птичји грип, што ги најави министерството за здравство. Поради Курбан Бајрам, ги нема и патниците од инаку фреквентните линии кон Истанбул и од Турција.

https://p.dw.com/p/AeuP
Фотографија: dpa

Ако се точни предупредувањата за зона со птичји вирус во Бугарија, тогаш на портите од Македонија имаат причина за зголемена будност. Сепак, главниот ветеринар и инфектолозите велат дека во Македонија засега нема опасност од птичји грип.

“Немаме никаква основа, пред појавата на болеста да го забрануваме она што пред да се појави болеста е заклано и испорачано во Република Македонија. Се до датумот на трајност, додека не се потрошат тие залихи, ќе постои тоа месо“, реагираше Слободан Чокревски, директор на Ветеринарната управа, на реакциите – дали од Турција ќе биде забранет увозот на пилешко месо.

Тој инаку, во јавноста се огласи по веста од Турција, а беше медиумска ѕвезда додека од Лондон не се потврди дека кај заболените кокошки во битолско не беше изолиран вирусот на птичји грип, во ноември минатата година. Медицинските експерти, сега се внимателни и велат:

“Да се избегнува контакт со птици, диви птици и живина. Доколку се консумира месо од живина, тоа да биде добро сварено и обработено и да се избегнува контакт со болни лица“, вели професор Јованка Котевска. На граничните премини за влез во Македонија ќе се користат и средства за дезинфекција. Засега останува предупредувањето за привремено одбегнување на патувањата во Турција, како и користење пердуви. Се очекуваат и новите птици преселници, а се врши и нова контрола на живинарските фарми и куќи во Македонија, особено во селските атари. Допрва се очекуваат и повратниците од аџилакот во Мека, кои најчесто патуваат со автобуси.

“Храната што се служи во авионот и отпадоците од таа храна се враќаат во Турција и има зголемен мониторинг на личниот багаж“.

Со вакви интервентни мерки ќе се згрижуваат и патниците, а ќе се прегледуваат и нивните багажи. На инфективната клиника е подготвен изолиран оддел за испитување на сомнителните дијагнози околу евентуланиот птичји вирус.