„Во Македонија се води битка за рускиот гасовод“
8 март 2017„Македонија е во вистинска државна криза веќе најмалку две години, да не речеме и од основањето во 1991 година, по распадот на Југославија“, ја започнува својата анализа под наслов „Дуел од далеку во Македонија“, левичарскиот дневен весник „Нојес Дојчланд“.
„Но и од полифоничниот европски хор, од каде се коментира внатрешната криза, се признава дека државичката Македонија- помала и со помалку население од покраината Бранденбург- стана полигон за пресметка на европските сили“.
Весникот натаму го објаснува спорот околу одбивањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да го даде мандатот за формирање влада на СДСМ со констатација дека доколку Иванов ја загуби оваа битка „тоа ќе биде неговиот крај како претседател“. Но каде е тука интересот на европските и светски сили, или како што наведува Нојес Дојчланд: „Што има тука важно за Брисел, Лондон или Москва?“
„Едноставно кажано, се работи за рускиот природен гас, иако сите споменати страни го отфрлаат тоа. Но, работите се такви што, доколку гасоводот Турски тек од Русија преку Црното море, Турција и Грција, сака да продолжи натаму на север кон Балканот, мора да мине низ теснецот Македонија. На исток со Бугарија, и на запад со Косово и Албанија, преминот за рускиот гасовод е затворен со земји на НАТО“.
„Руските политичари во моментов тврдат дека ја делат загриженоста во Скопје од 'Голема Албанија'. Со Иванов, Кремљ е согласен околу тоа, но со Заев, не е. Оттука, исходот на внатрешномакедонското 'буткање со прсти' (Фингерхакелн, стар алпски спорт, н.з.) одлучува за досегот на Турскиот тек кон север. За тоа што Европа наводно се раздвојува на Балканот, најгласно реагираше британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон. Архитектот на Брегзит и префрла на Русија директно мешање на Балканот. Русија работи на 'поткопување на земјите на Западниот Балкан'. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини беше поумерена во тонот. 'Мојата најголема грижа е од оваа криза да не се изроди меѓуетнички конфликт', рече таа“, пишува Нојес Дојчланд.