1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје одобрени 2.638 визи за работа во Германија

ЕМФ
13 март 2017

Во 2016 година визи за работа во Германија добиле 2.638 лица кои барањата ги доставиле во амбасадата во Скопје, а 468 се одбиени, стои во одговорот на германската влада на прашањето поставено од пратеници на Зелените.

https://p.dw.com/p/2Z6Vz
Symbolbild Deutschland Arbeitslose Ausländer
Фотографија: picture-alliance/dpa/Oliver Berg

Помалку работни визи од Скопје се одобрени само во германската амбасада во Тирана - 1.230 и во Подгорица - 681. Во Белград е дадено зелено светло за работа на 3.547 лица, во Сараево дури за 5.594 лица, а нешто помалку одобрени работни визи имало во Приштина - 5.116 лица.

Граѓаните од земјите од Западен Балкан (Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора) од 1 јануари 2016 година имаат можност за добивање визи за работа во Германија. Целта на ваквата мерка на германската влада е да се намали бројот на баратели на азил од овие држави и луѓето кои веќе побарале азил во Германија да се поттикнат да се вратат во своите татковини и да се обидат да добијат работна виза. Според првичните планови на министерката за работа Андреа Налес, годишно требаше да се доделуваат по 20.000 работни визи за луѓето од Западен Балкан во период од 5 години.Но поради бирократски пречки и долго време на чекање термин за поднесување барања, во текот на изминатите месеци постојано доаѓаше до проблеми, се вели во одговорот на германската влада на прашањето поставено од страна на пратениците на Зелените во Бундестагот.

При поднесување на барање за виза, барателот на работа мора веќе да има обезбедено согласност од германската Агенција за работа. Потоа се чека на термин во германската амбасада во соодветната земја за да се поднесе барањето, по што следува период од неколку недели на обработка и разгледување на барањето. За целото тоа време, работодавците во Германија чекаат работникот којшто го одбрале конечно да стигне во земјата и да почне да работи. Германската влада оценува дека со оглед на недостигот на стручњаци, треба итно да се скрати чекањето и да се забрза целата постапка. Во првиот месец од оваа година во процес на обработка биле 281 барања за работа поднесени во германската амбасада во Скопје. Во амбасадата во Скопје, во која инаку од јануари 2016 година биле вработени дополнително две лица - локален персонал, во наредните недели би требало да се отвори уште едно работно место за лице кое ќе носи одлуки во врска со барањата за визи, се вели во одговорот на германската влада до пратениците на Зелените.

На прашањето колку граѓани од државите на Западен Балкан побарале дозвола за престој во Германија поради работа или барање место за обука и на колкумина им било одговорено позитивно, односно биле одбиени, германската влада одговара со табеларен приказ. Во делот за Македонија стои дека по таква основа во 2016 година им била дадена виза на 84 лица кои барале место за обука, односно пракса, на седум лица кои барале работно место, на 40 висококвалификувани лица, на 54 лица кои добиле сина карта на ЕУ, на петмина истражувачи, четворица доценти и професори, 150 лица со договор за работа, 4 лица кои самостојно извршуваат дејност, како и на 89 други лица кои се ставени во графата - останато.

Polnischer Bauarbeiter
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Во одговорот за работните визи за граѓаните од Западен Балкан што го дава германската влада има и табеларен приказ на професиите во кои се дадени најмногу позитивни одговори за работни визи. Од него се гледа дека најмногу одобренија се дадени во сферата на градежништвото, а потоа следуваат гастрономијата, здравството и негата. На дното на табелата се сообраќајот и трговијата.

Опширниот одговор завршува со констатацијата дека германската влада нема намера да го проширува на други држави правилото кое важи за државјаните од земјите на Западен Балкан.