1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Уставниот суд денеска усна расправа по тужбите против предвремените парламентарни избори во Германија

9 август 2005

Канцеларот Герхард Шредер побара веднаш да престанат гласните размислувања во СПД за можна голема коалиција со опозиционите демохристијани. Цел на предвремените избори мора да биде што е можно подобар резултат на сопствената партија, нагласи тој. За претседателот на СПД Франц Минтеферинг се контрапродуктивни размислувањата за коалиција со ЦДУ. Врвниот кандидат на Зелените Јошка Фишер ги предупреди соц

https://p.dw.com/p/Acks
Сојузниот уставен суд во Карлсруе
Сојузниот уставен суд во КарлсруеФотографија: 2000 BVerfG

ијалдемократите од коленичење пред демохристијаните. Предизборната кампања, очигледно, е во полн ек, а одржувањето на изборите, всушност, се’ уште не е до крај сигурно. Имено, германскиот Уставен суд во Карлсруе денеска ќе се занимава со тужбите против изборите закажани за 18-ти септември.

Повеќемина тужители, меѓу нив и двајца пратеници во Бундестагот, сметаат дека свесно загубеното барање за доверба во парламентот од страна на канцеларот Герхард Шредер, што доведе до предвремено распуштање на парламентот од страна на сојузниот претседател, претставува кршење на уставот. Приговор против нови избори поднесоа и повеќе мини-партии, но тие не се поканети од Судот на денешната усна расправа, туку само пратениците во Бундестагот Јелена Хофман од СПД и Вернер Шулц од Зелените. Ополномоштеникот на Хофман за застапување во процесот, професор Ханс-Петер Шнајдер, веќе непосредно по најавата од канцеларот дека ќе го постави прашањето за доверба предупреди оти нема владина криза од толкава тежина, што би дозволувала предвремени избори: „Сегашната коалиција со релативно тесно мнозинство прилично неспорно владее веќе речиси три години. Потешкотии имаше постојано, но тие се, така да се каже, нормални“.

Професор Шнајдер во текстот на тужбата до Судот го критикува и сојузниот претседател Хорст Келер, наоѓајќи значителни слабости во изјавата со која тој го оправда распуштањето на Бундестагот: говорот ја драматизирал наводната вонредна состојба во Германија и недоволно го образложувал распуштањето на парламентот. Поранешните два случаја на распуштање на парламентот за време на Вили Брант и на Хелмут Кол како канцелари, имале како причина многу подлабоки владини кризи, оценува Шнајдер: „Ако се навратиме на случајот со Вили Брант, тогаш со преоѓањето на парламентарци во други партии настана пат-ситуација во Бундестагот, од која воопшто не можеше да се излезе без нови избори. Кол во октомври 1982-ра година дојде на власт по конструктивно изгласување недоверба на претходникот Хелмут Шмит, но остана без поддршката од речиси половината пратеници од либералната фракција. Оттогаш немаше споредливо тешки владини кризи и, според мое гледање, нема ни денес“.

Професор Шнајдер пред Уставниот суд денес ќе се соочи со сојузниот министер за внатрешни работи Ото Шили и правникот од Берлин Бернард Шлинк како претставници на владината страна. Шлинк им противречи на аргументите на двајцата пратеници, смета дека канцеларот навистина има климава позиција во барањето мнозинство за својата политичка програма и нагласува дека Шредер во целост се придржувал кон условите поставени од Уставниот суд во 1983-та година. Судот тогаш, според Шлинк, свесно им оставил сопствен маневарски простор на политичките уставни органи – канцеларот, Бундестагот и сојузниот претседател, за нивната процена на политичката состојба.