1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Воинот на коњ“ се исправи на скопскиот плоштад

21 јуни 2011

Голем број граѓани присуствуваа денеска на поставувањето на споменикот „Воин на коњ“ на постаментот на фонтаната на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

https://p.dw.com/p/11gAa
Споменикот на Александар ВеликиФотографија: Petr Stojanovski

Букефал и „Воинот“ се „надвиснаа“ над Скопје. Околу илјада граѓани, полни околни кафулиња но и голем аплауз за вештото подигање на споменикот Александар Македонски над фонтаната во центарот на македонската метропола. Самиот чин не помина без шефот на тајната полиција и човекот од највисока доверба на премиерот Груевски. „Ова е историја, наследство за идните генерации“, ни рече, оф рекорд, Сашо Мијалков. Пресреќна и авторот на ова уметничко дело, Валентина Стефановска.

Граѓаните со поделени мислења

Публиката и млади и ветерани, минувачи и граѓани кои специјално дојдоа на чинот додека триесеттонската дигалка го креваше монументумот на Александар, кој излеан во Фиренца, беше донесен пред една недела и се составуваше во Скопје. Самиот споменик предизвика контраверзни реакции, додека се составуваше, но и за цело време преставуваше сигнал за иритирање на официјална Атина, околу таканаречениоот процес на антиквизација на Македонија.

„Грандиозно, восхитувачки, камо да беше порано“.

„Не му е време, ни треба работа, како сега ни текна на Александар, а до пред книгата на Тупурковски за Филип Втори не знаевме дека неговиот коњ се вика Букефал“.

Регистриравме дел од реакциите на присутните, владеат поделени мислења, но многу повеќе лица на задоволство и восхит.

Statue Alexander der Große in Skopje
Фотографија: DW

Монументален споменик

Скулптурата во бронза е висока 13 метри, поставена на десет метри бетонски столб, што допрва ќе се обложува со рељефи од борбите на Александар Македонски. Завртен е кон течението на реката Вардар, но со различни коментари – дали погледот му е кон Грција или кон Далекиот Исток каде беа неговите големи походи. Целиот проект чини околу 9 милиони евра и е најскап од сите спомен-белези што се поставени или се осмислени во рамките на проектот Скопје 2014.

„Не може да го гледате еднодимензионално, како и секоја архитектура, ќе мора да помине време за негово вреднување, но ова е сепак нов контекст на Скопје“, вели еден од најпознатите универзитетски професор на скопскиот Архитектонски факултет, кој не‘ замоли да не го откриваме неговиот идентитет.
Истовремено со подигањето на „Воинот на коњ“, како е наречен Александар Македонски, утрово во Битола е поставен паметник на Филип Втори, таткото на Александар Велики.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска