Свилен гајтан за Мицкоски
10 февруари 2021По неуспешниот обид пред шест месеци за смена на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски, струи во партијата повторно притискаат за неговото заминување од кормилото. Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес за 28 март во Скопје.
„Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес. ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава“, велат од Иницијативниот одбор. Блиските соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја оспоруваат ваквата иницијатива. Според нив, конгресот ниту е статутарен, ниту пак има правна основа. Обвинија дека станува збор за политичка иницијатива на група на луѓе кои што имаат за цел да му помогнат на Зоран Заев и да му фрлат гума за спасување.
Катастрофален рејтинг
Поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ и актуелни градоначалници, преку Иницијативен одбор закажаа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Преку соопштение информираа дека по неколку месеци интензивна работа, успеале да обезбедат поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествувале при изборот на актуелниот претседател Христијан Мицкоски. „Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка“, соопштија од Иницијативниот одбор.
Членовите го повторуваат ставот дека партијата е поделена и раскарана, а бегањето од одговорност и од заземање ставови за сите важни прашања од страна на Мицкоски сметаат дека е причината за последователните порази на парламентарните, претседателските, но и предвремените локални избори во Охрид, Штип и Ново Село. Иницијативниот одбор порачува дека ако Мицкоски ѝ мисли добро на партијата и на државата ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на конгресот.
-повеќе на темата: Мицкоски за ДВ: Нема време за губење, со Заев четири години тапкаме во место
Тие најавуваат дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот, ќе го промовираат слоганот и ќе отпочнат со дистрибуција на покани и материјали за делегатит. Ги повикаа заинтересираните кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации.
Милошоски: Иницијативата ниту е статутарна, ниту е правна
Иницијативата за вонреден конгрес не е ниту статутарна ниту правна, е ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата, Антонијо Милошоски на прес-конференција обвини дека станува збор за политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Зоран Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието. Им порача на членовите на Иницијативниот одбор дека во март конгрес ќе одржи и СДСМ, па можат да направат заеднички конгрес.
-повеќе на темата: Студија на ЕУ го посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како извор на дезинформации
„Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, со нула вакцини, 3 илјади жртви, 55 000 нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев којшто во моментот во Собранието е на стаклени нозе со своето мнозинство, да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата“, вели Милошоски.
Тој оценува дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики.
Кој стои зад иницијативата?
Дел од Иницијативнот одбор се поранешниот градоначалник на Дојран, Борче Стамов, ексградоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, на Аеродром- Ивица Коневски, Филип Петровски, како и уште неколку членови на опозициската партија. Пред неколку дена во емисијата Клик Плус, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев најави дека би поддржал конгрес за смена на Мицкоски.
„Имам контакти скоро со сите членови и бивши и моментални членови на повисоко ниво. Имам контакти, верувајте дека има луѓе кои што објективно размислуваат за ВМРО-ДПМНЕ. Партијата им значи нешто, не на лична основа, туку на основа на градење добра политика во државата и има нивна загриженост во делот на раководењето на партијата. Контактите ги воспоставувам и со она што вие го нарекувате „Мериотска коалиција“. Знам дека тие сакаат да одат на опција на предвремен конкгрес. Така што доколку се случи и биде легитимен и правно основан, јас би го поддржал“, рече Јанчев.
Иницијативниот одбор минатото лето побара одржување на вонреден конгрес, а во септември 2020 следуваше и седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која Мицкоски тврдеше дека сам предложил свикување на вонреден конгрес. „Поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на којшто нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски по седницата.
-повеќе на темата: Последниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?
На 22 ноември минатата година, Филип Петровски, поранешен функционер во ВМРО-ДПМНЕ и екс-пратеник, а сега жесток критичар на актуелното раководство на опозициската партија, изјави дека се подготвува смена на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на тоа кумува поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски. Според Петровски, за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ се подготвува Александар Николоски, потпретседател на оваа партија.
„Тука е споната Александар Николоски, за кој што се зборува дека по абдицирањето на Мицкоски, треба да биде неговиот нов наследник, нели, со амин од Груевски, за тој да го задржи своето влијание во партијата. Моите информации говорат дека Николоски работи на создавање на коалиција, на создавање на медиуми, на прибирање на новинари и на влијателни луѓе кои тоа би го поддржале. Тоа Мицкоски го знае и мислам дека е свесен дека не може да избега од тоа доколку промената се случи. Според мене, тоа е тотално неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде погубно, бидејќи партијата е во многу лоша состојба сега“, изјави Петровски во телевизиска емисија.