Вонредна состојба и итна помош за Џенова
16 август 2018Петте милиони евра итна помош за Џенова се од националниот фонд за вонредни ситуации и се „прва мерка на владата по трагедијата“, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте на прес-конференција по кризната седница на владата која се одржа во Џенова. Владата ѝ се закани на фирмата која управува со автопатот со одземање на лиценцата и високи казни. Претпријатието има земено милијарди евра од патарини, а парите не се инвестирани според планираното, критикуваше министерот за внатрешни работи Матео Салвини. Фирмата Аутостраде ги отфрли обвинувањата и тврди дека мостот којшто се урна бил контролиран согласно законските прописи.
Повеќе: Италија ужасната од трагедијата во Џенова
Вицепремиерот Луиџи ди Мајо денеска им упати предупредување и на останатите фирми кои управуваат со автопатите во земјата дека ако не се во состојба да си ја извршуваат задачата како што треба, тогаш ќе мора државата да ги земе автопатите под своја капа. Според Ди Мајо, фирмите управители ќе мора повеќе да инвестираат, а не само да размислуваат за дивиденди.
Италијанската влада по вонредната седница прогласи и ден на жалост во земјата, но датумот сѐ уште не е одреден, затоа што тој треба да се поклопи со денот кога ќе бидат погребани жртвите од катастрофата. Во Џенова, пак, ќе има два дена на жалост.
Повеќе: Зошто падна мостот во Џенова?
Бројот на загинати во катастрофата во меѓувреме е зголемен на 38. Сѐ уште има повеќе лица кои се водат како исчезнати. Бројот на повредени досега е 15 лица. Министерот за внатрешни работи Салвини соопшти дека меѓу загинатите има и три деца на возраст од 8, 12 и 13 години. Во катастрофата животот го загубија и четворица Французи, тројца Чилеанци и еден Перуанец.
Стотици спасувачи сѐ уште со помош на кучиња и багери бараат преживеани под урнатините.
Повеќе: Колку се безбедни мостовите во Македонија?
Мостот Моранди, кој има четири ленти,е изграден во 1967 година. Пред два дена се урна дел од мостот во должина од 200 метри. Притоа во бездната под мостот паднаа околу 35 автомобили и три камиони. Во моментот на катастрофата се правела санација на мостот, а освен тоа имало и невреме.