1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ги блокира бродовите што превезуваат жито

Ник Мартин
21 март 2022

До 300 бродови беа запрени од руските сили да тргнат од Црното Море, со што се блокираше една од клучните глобални трговски рути за жито. Плодниот регион е познат како „светска корпа за леб“.

https://p.dw.com/p/48hX8
Ukraine Russland l Raketenkreuzer "Moskau" bei Marineübungen vor der Krim
Фотографија: Russian Navy/dpa/picture alliance

Извозот на пченица од Украина и Русија, кои сочинуваат витален дел од снабдувањето со храна во светот, сè уште е блокиран од страна на Русија, која не дозволува бродовите да го напуштат Црното Море, соопшти неделава најголемиот германски трговец со земјоделски производи Бајва. 

„Нула [жито] во моментов се извезува од пристаништата на Украина - ништо не ја напушта земјата“, изјави за новинската агенција ДПА, Јерг-Симон Имерц, шеф на трговијата со жито во Бајва. 

Тој додаде дека извозната активност на руска страна е „многу ограничена“.

Оценката на Имерц беше поддржана од Панамската поморска управа, која во средата рече дека руската морнарица спречува 200-300 бродови да го напуштат Црното Море - повеќето од нив превезувале жито. Други извештаи сугерираат дека околу 100 бродови се блокирани.

Нориел Арауз, администратор на властите, рече дека три брода под панамско знаме биле под руски оган од почетокот на инвазијата на Украина. Еден од бродовите потонал, а други два се оштетени, но нема повредени. 

Британскиот весник „Гардијан“ објави дека неколку други бродови биле погодени од почетокот на инвазијата на 24 февруари, вклучително и од Бангладеш и Естонија, при што загина едно лице. Русија обвинува дека сопирањето е поради висок ризик од мини, за кои рече дека биле поставени од украинската морнарица. 

Безбедноста на храната е загрозена 

Се отворија прашања за тоа колку жито Украина ќе може да произведе оваа година поради конфликтот. Во исто време, Русија вети дека ќе возврати на западните санкции кои ја осакатуваа нејзината економија.

Се претпоставува дека ограничувањата на извозот на пченица и ѓубрива се високо на листата на Москва, што може да има дополнителни последици за светската понуда на храна и инфлацијата на цените на храната. 

Русија произведува близу 80 милиони метрички тони пченица годишно и извезува близу 30 милиони тони, додека Украина извезува околу 20 до 25 милиони тони годишно.

Infografik Führende Weizenproduzenten weltweit EN

Имерц од Бајва вели дека целиот пазар повеќе го следи извозот на Украина отколку рускиот, бидејќи во моментов се смета дека тие се повеќе изложени на ризик.

„Пченицата беше посеана наесен и сега треба да се фертилизира“, рече Имерц. „Пченката уште не е ни посеана, а ако тоа не може да се посее, секако дека нема да има род“.

Неколку дена по инвазијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика земјоделците да ја започнат сезоната на сеидба, нормално, каде што е безбедно.

Во меѓувреме, Бајва верува дека нема причина да се плашиме од недостиг на пченица бидејќи во ЕУ се жнее многу повеќе пченица отколку што се троши.

„ЕУ извезува околу 30 милиони метрички тони пченица годишно, а Германија е исто така извозник во нормални години“, рече Имерц. Но, тоа не е точно за сите видови жито. „За пченка се потпираме на увозот“, додаде тој. 

Odesa Hafen
Пристаништето во ОдесаФотографија: imago images/unkas_photo

Потребите за храна во Африка се ранливи 

Во меѓувреме, новиот извештај на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) предупреди за влијанието на војната врз ситуацијата со храната во Африка.

Помеѓу 2018 и 2020 година, Русија учествуваше со речиси една третина од увозот на пченица на континентот, додека околу 12% доаѓаат од Украина. Во извештајот на УНКТАД се вели дека до 25 африкански земји, особено најнеразвиените економии, се потпираат на увозот на пченица од Русија и Украина. 

Недостигот на резервен капацитет во Африка ги ограничува шансите за надоместување на изгубените резерви, додека зголемените трошоци за ѓубриво ќе бидат дополнителен товар за земјоделците, предупредија ОН.

Во меѓувреме, зголемените трошоци за превозот и за житарици и друга основна храна ги зголемуваат цените, што најмногу ги погодува најсиромашните луѓе, се вели во извештајот. 

Потребни се безбедни коридори за испорака 

Меѓународната поморска организација на Обединетите нации (ИМО) повика на таканаречени сини коридори за да им се овозможи на бродовите да го напуштат Црното Море без ризик од напад или да наидат на мина.

„Тековната воена акција во Црното и Азовското Море претставува сериозна и непосредна закана за сигурноста и безбедноста на екипажот и бродовите во регионот“, се вели во соопштението на ИМО објавено неделава.

„Сериозноста на ситуацијата е нагласена со зголемениот број на извештаи за безбедносни инциденти кои вклучуваат трговски превоз“, се додава. ИМО моментално е во тесна врска со сите клучни чинители во регионот за да „придонесе во обидите за решавање на сигурноста и безбедноста на превозот“ во регионот на Црното Море.