Сигнали за продолжување на преговорите?
23 мај 2022Главниот руски преговарач Владимир Медински изјави дека Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори со Украина, со оценка оти за нивното запирање виновник е Киев.
„Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот“, изјави Медински, советник на Кремљ одговорен за преговорите со Киев, во интервју за белоруската телевизија. „Замрзнувањето на преговорите е целосно иницијатива на Украина“, додаде тој, сметајќи дека „топката е нивен терен“. „Русија никогаш не одбила преговори“, рече Медински.
Украина, во меѓувреме, исто така навести оти е подготвена да ги продолжи преговорите со Русија, исклучувајќи ја пак, опцијата за прекин на огнот или отстапки кон Москва, а претседателот Володимир Зеленски во интервју за Јунајтед њуз во саботата, рече дека „несомнено ќе има разговори меѓу Украина и Русија“.
„Навистина мислев дека војната може да се заврши со дијалог. Но, за жал, мислев оти ова е дијалог во соодветен тајминиг, дека со руската страна ќе можат да се најдат одговори на многу прашања и многу одлуки. Навистина така мислев. А сега тоа е „хибрид“. Затоа војната е толку тешка, а победата ќе биде многу потешка. Ќе биде крвава, во борба, но крајот секако ќе биде во дипломатијата“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина сака сѐ назад, а Руската Федерација не сака ништо да врати, и нагласи оти затоа крајот ќе биде на преговарачка маса. „Сакаме да се вратат териториите и да се заврши оваа војна. Но, како и каде тоа ќе се случи зависи од моментот на разговор со Путин. Мислам дека секако ќе дојде до разговори меѓу Украина и Русија. Но, не знаеме во кој формат: со или без посредници, во широк круг или во форма на билатерален разговор“, порача Зеленски.
Високиот советник на Зеленски, Михајло Подолјак, рече оти Киев нема да прифати каков било договор со Русија кој вклучува отстапување на територии.
Разговорите меѓу украинските и руските преговарачи првично се одржуваа редовно по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари - лично или преку видео-конференција. Министрите за надворешни работи на двете земји се состанаа во Турција во март на разговори кои останаа без резултат. Следуваше состанок на делегации во Истанбул, кој исто така не донесе напредок.