1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Шолц до Путин: „Не се осмелувај!“

АРД | БЈ
28 март 2022

Германскиот канцелар ги отфрли критиките дека Германија помага да се финансира војната во Украина со тоа што и натаму увезува енергенси од Русија.

https://p.dw.com/p/497so
Германскиот канцелар Олаф Шолц беше гостин во дебатната емисија на водителката Ане Вил на АРД
Германскиот канцелар Олаф Шолц беше гостин во дебатната емисија на водителката Ане Вил на АРДФотографија: Wolfgang Borrs/NDR/dpa/picture alliance

Повеќе од еден месец рускиот претседател Владимир Путин води војна против Украина – „пресвртница“ на глобално ниво според германскиот канцелар Олаф Шолц. Германската влада ја помага Украина со испраќање оружје и најави масовно зголемување на трошоците за одбрана, но канцеларот и понатаму одбива да се воведе итно и целосно енергетско ембарго за Русија. Се работи за „неверојатен број работни места“ изјави тој во дебатната емисија на АРД, на познатата новинарка Ане Вил. „Би предизвикале сериозна економска криза ако го сториме тоа,“ рече Шолц. Политичарот од редовите на СПД ја отфрла критиката дека Германија со увозот на енергенси од Русија всушност ја финансира војната во Украина. „Со парите што ги има Русија на контото сега не може ништо да направи поради нашите санкции,“ рече Шолц. Се работи за неколку стотици милијарди девизни резерви. „Поради тоа малку е веројатно дека воопшто може да се извлече меѓусебна поврзаност,“ категоричен е канцеларот.

Канцеларот Олаф Шолц со водителката Ане Вил во емисијата во која говореше за улогата на Германија во војната во Украина
Канцеларот Олаф Шолц со водителката Ане Вил во емисијата во која говореше за улогата на Германија во војната во УкраинаФотографија: Wolfgang Borrs/NDR/dpa/picture alliance

Наскоро независност од увозот на руски енергенси

Зависноста на Германија од рускиот увоз на енергенси ќе биде елиминирана „прилично брзо“. Кај јагленот, доколку се оди по план, ова може да се случи и веќе годинава, најави Шолц. И во однос на нафтата работите може брзо да се одвиваат. За гасот пак „сега се активирани“ планови кои долго време биле во фиока. Со забрзано темпо се развива инфраструктурата со која ќе се овозможи увоз на гас од други добавувачи. Доколку Русија го прекине извозот, Германија би била подготвена. „Но, ако овој увоз престане преку ноќ, тоа би значело дека цели индустриски гранки ќе мора да ги прекинат своите активности.“ Шолц, исто така, го отфрли украинскиот предлог за едномесечно ембарго.

Повеќе: Шолц: Европа не може без руските енергенси

Одговорните политичари мора да имаат храброст да ја изговорат вистината. „А вистината е дека ако преземеме таков чекор ќе предизвикаме огромна економска криза,“ рече Шолц. Тоа не би било така лесно да се изведе ниту во други делови на Европа. На пример, Италија е многу зависна од руските енергенси. Некои источноевропски земји имаат мрежи кои се поврзани со руската мрежа уште од поранешни времиња, а не се поврзани и со западните мрежи.

„Правиме сè што е во наша моќ“

Шолц ги отфрли обвинувањата дека Германија премногу се двоумела да испорача оружје на Украина. „Ние правиме сè што е во наша моќ“, рече тој. Испораките на противтенковско и противвоздушно оружје од страна на Германија и нејзините партнери веќе доведоа до тоа Украина да постигне „значителни успеси“. Земјите од ЕУ договорија на Украина да и се испрати помош од една милијарда евра за набавка на оружје, рече Шолц и додаде: „Ова ќе биде голема поддршка за воените активности на Украина.“

Солидарност со Украина ширум светот

Во однос на испораката на тешко оружје што го бара Украина, Шолц рече дека Германија се движи по линијата договорена со САД. Дури и со средствата кои сега ги има на располагање, Украина успеа да пружи „многу успешен отпор“ и да ги спречи плановите на рускиот претседател Владимир Путин за воена окупација на целата земја, смета германскиот канцелар.

„Тоа секако е дел од опциите кои ги разгледуваме"

Шолц потврди дека имало размислувања со оглед на заканата од Русија, да се набави израелскиот антиракетен штит „Ајрон доум”. „Може да Ви кажам дека тоа секако е дел од нештата за кои зборуваме и тоа со добра причина", вели Шолц. „Мора сите да се подготвиме за тоа дека ќе имаме сосед кој моментално е подготвен на насилно спроведување на своите интереси. Затоа мора заедно да се ангажираме тоа да се спречи," изјави Шолц кој не сакаше да сподели детали. „Ќе бидеме толку силни што никој нема да се осмели да не нападне“, изјави германскиот, додавајќи дека тоа е и порака до рускиот претседател Владимир Путин: „Не се осмелувај!“

„Драматични мерки” во случај на употреба на хемиско оружје

Во случај на употреба на хемиско оружје во војната против Украина, Шолц се закани со „драматични мерки” додавајќи дека не смее да се посегне по хемиско и биолошко оружје. Шолц кажа дека веќе се размислувало за можни мерки, но не ги конкретизираше. Но, јасно стави до знаење дека НАТО и во таков случај нема да влезе во војна со Русија. „НАТО нема да стане завојувана страна, тоа е јасно." Со инвазијата во Украина Путин го постигна спротивното од она што сакаше. Путин навистина мислел дека во Украина ќе го поздрават доаѓањето на руските сили. „А де факто цела Украина се сплоти како нација”, рече Шолц алудирајќи на отпорот против инвазијата. Постапките на Путин покрај тоа придонеле НАТО да ја зголеми заштитата на своите источни членки.