Војската се повлече од плоштадот во Манама
19 февруари 2011Граѓаните одреагираа со славје на повлекувањето на воените сили од центарот на главниот град, на што полицијата повторно истрела солзавец во насобраната маса. Претходно главната опозициска група „Вефак“ ја отфрли понудата на кралот Хамад за национален дијалог, барајќи прво оставка на актуелната влада, како и повлекување на војската од улиците на престолнината. Во претходното телевизиско обраќање принцот Хамад ал Калифа истакна дека дошло времето за „национален дијалог“, со цел да се најде излез од кризата. Истовремено, тој го повика населението на смиреност.
Окуражени од успехот на демократското движење во Тунис и Египет, изминативе денови голем број демонстранти излегоа на демонстрации во голфската држава, на чие чело стои кралска династија. Шест лица го загубија животот, додека стотици беа повредени.
Американски стратешки интереси
Американскиот претседател Барак Обама ја осуди употребата на насилство против демонстрантите. Во телефонски разговор со кралот Хамад бин Иса ал-Калифа, Обама истакнал дека стабилноста на островската земја зависи од почитувањето на човековите права и спроведување реформи. САД се залагаат за стабилност во Бахреин, бидејќи таму е стационирана флотата за Блискиот Исток, која ги обезбедува трговските патишта во стратегиски значајниот регион.
Тешки судири во Бенгази
Во Либија, пак, денеска состојбата е многу напната по интервенцијата на полицијата во градот Бангази. Силни полициски сили со солзавец и палки рано изутрина го нападнаа логорот на демонстрантите во центарот и ги растераа. По успешно завршената операција силите за безбедност итно се повлекоа од Бенгази, кој наликува на сенишен град. Во протестите во вториот по големина град на Либија и на други места досега загинаа повеќе лица. Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ говори за 84 загинати. Со цел демонстрантите да се спречат во организирањето на протестите, режимот на Гадафи од вчера ги прекина интернет-врските во земјата.
Автор: Херберт Пекман/Трајче Тосев
Редактор: Горан Чутаноски