1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Впечатлив говор на вистинското место

Марсел Фирстенау / Превод: Е.М.Фиданоска10 септември 2014

Полскиот претседател Коморовски во Берлин потсети на почетокот на Втората светска војна. Со своето пледоаје за храбра, решителна Европа, тој побара слободарски дух и тоа е добро, оценува Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1D9uj
Фотографија: Reuters

Во времиња на необјавена војна среде Европа да се потсети на почетокот на Втората светска војна пред 75 години е несомнено тешка задача. Дотолку повеќе што главниот говорник во германскиот Бундестаг е Полјак. Претседателот Бронислав Коморовски оваа задача ја заврши бравурозно. Тој речиси пренагласено оддаде признание на германско-полското помирување, зборуваше за „добра судбинска заедница“ и „заедница која носи одговорност“. Тоа, во најмала рака заради историски причини, беа многу соодветни зборови, но соодветни беа и со оглед на руската агресија во Украина и анексијата на Крим.

Критичарите ќе забележат (оправдано) дека полскиот претседател мораше да го искористи моментот и да потсети и на милионите советски жртви во војната која ја започна Хитлер. Но ваквиот пропуст речиси и не го расипува вкупниот впечаток од говорот, кој при сите неопходни потсетувања на минатото, се вртеше пред се‘ околу актуелната закана за мирот среде Европа.

Семејната историја како огледало на европската трагедија

Коморовски не можеше и не сакаше да ги задоволи сите. Како највисок претставник на земја која во својата историја била повеќе пати делена од освојувачи, тој се реши за страствено пледоаје за слободата. Добра одлука, со оглед на сите актуелни кризи и војни (Украина, Сирија, Ирак). Сите тие мораат да се гледаат и како резултат на недоволна способност за учење од историјата и недоволната слобода. Коморовски е високо чувствителен кога десните или левите идеологии ги ставаат под знак прашалник или ги загрозуваат достигнувањата на соочувањето со минатото. Така, меѓу другото, е и поради неговата семејна приказна. Неговата веродостојност и веродстојноста на неговиот говор во Берлин има корени во неговата лична полско-литванска историја и потекло.

Роднините на полскиот претседател постојано се наоѓале меѓу политички фронтови, им бил одземан имотот, биле принудно преселувани и дури и убивани. Некогаш тоа го правеле извршителите на Хитлер, некогаш оние на Сталин.

Коморовски лично, со одлежување затворски казни, неколку пати ја има платено својата долга борба за слобода и човечко достоинство во комунистичка Полска. Со голема морална репутација „жив сведок“ (Коморовски за себе) зборуваше во германскиот парламент за војната и мирот. Притоа, тој цитираше еден друг морален авторитет, поранешниот германски претседател Рихард фон Вајцекер: „Кој ги затвора очите пред минатото, ќе биде слеп за опасностите на сегашноста.“

Разбирлива верба во НАТО

Коморовски, разбирливо, не остави простор за сомнеж во тоа колку многу е загрижен за мирот и слободата со оглед на актуелните закани. Добро е што притоа апелираше до големите европски држави да се биде свесен за одговорноста. Пречесто во минатото Германија, Франција или Велика Британија при третирањето на сопствените проблеми од вид малку го губеа големото „цело“. Тоа на Коморовски и на една земја со историја како Полска, мора да им задава грижи.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW/S. Eichberg

Со оглед на руската политика на експанзија, право на претседателот е 75 години по почетокот на Втората светка војна да му оддаде признание на Северноатлантскиот одбранбен сојуз како гарант на безбедноста на неговата татковина. Се разбира, ќе беше убаво и соодветно на овој ден во Берлин, покрај НАТО, да се нагласи и значењето на Обединетите Нации за периодот по 1945 година. Но, токму од полски апсект, НАТО, со сите свои силни и слаби страни, се покажа како поодлучен гарант на безбедноста по падот на Железната завеса во 1989-та.

Еден сон во моментов: Берлин-Варшава-Москва

Тешко дека говорот на Коморовски во Москва ќе биде сфатен како што треба. Притоа, размислувањата на полскиот претседател се и понуда до Кремљ за разговор. Така, Коморовски го пофали европскиот процес на обединување како „способност да се постигнуваат компромиси“. Се разбира, ако притоа се почитуваат постоечките национални граници.

Коморовски за својата визија на мирна Европа, вклучително и Русија, избра убава слика. Нему му е пред очи „автопат на слободата“. Автопат постои реално меѓу Берлин и Варшава. Сообраќајна оска Берлин-Варшава-Москва е визија за која сонува Коморовски. Но тој е цврсто решен да ја брани постоечката оска меѓу полскиот и германскиот главен град. И со тоа како да им зборуваше од срцето на своите домаќини во Берлин.