Втора кинеска вакцина доби дозвола за масовна употреба
6 февруари 2021Во Кина официјално е одобрена уште една вакцина за масовна имунизација против коронавирусот, а станува збор за производ на кинеската биотехнолошка компанија Синовак Биотек, соопшти денеска кинеското државно регулаторно тело за медицински производи.
Како што пренесува агенцијата Ројтерс, вакцината добила дозвола по двомесечни клинички испитувања, како и дека резултатите од некои испитувања во доцната фаза сѐ уште не се соопштени.
„Индонезија, Турција, Бразил, Чиле, Колумбија, Уругвај и Лаос издадоа итни одобренија за употреба на вакцината на Синовак - КоронаВак“, соопштија од компанијата.
Првата вакцина во Кина доби дозвола за масовна употреба во декември 2020 година, која ја произведе пекингшкиот Универзитет за биолошки производи и кинеската државна група Синофарм.
Повеќе:
-Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?
-Коронавирус: Кина со вакцините „извезува“ и влијание?
-Македонија спушти Железна завеса за вакцините
Токму со 200 илјади дози од оваа вакцина ќе започне имунизацијата на македонските граѓани, најави неделава министерот за здравствтво Венко Филипче. Првите дози треба да пристигнат во текот на месецов.
Вакцината на Синофарм, според податоците на кинеските власти, има ефикасност од околу 79 проценти додека онаа на Синовак меѓу 50 и 65 проценти.
Во изјава за ДВ, Филипче, рече дека со Синовак засега не се преговара за набавка на вакцини.