„Вториот Букурешт“
19 октомври 2019Во убавата бела куќа на Емануел Макрон нема место за Македонци и Албанци. Толку барем разбравме од излагањето на францускиот претседател по самитот на ЕУ во Брисел. Можеби ќе пушти срце некој водоинсталатер или градинар од Балканот да сервисира нешто во подрумот или кујната, но во раскошните салони на „кохерентната“ бела убавица на Емануел ќе можат да уживаат само оние со длабоки џебови и волја и натаму да ги субвенционираат француските земјоделци и пропаднатата економија. Во изјавите на Макрон немаше многу финеси- подлабока анализа лесно ќе пронајде многу ксенофобија и прикриен расизам- но од читањето меѓу редови може да се пронајде барем една, досега не спомената (покрај ксенофобијата), причина за блокадата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ: парите.
Паралелно со дебатите за Брегзит и проширувањето, на самитот во ЕУ се отвори и експресно се затвори прашањето за следниот седумгодишен буџет на ЕУ. Кавгата навидум е околу промили: како државите нето-плаќачи да ја пополнат дупката од 12 проценти во буџетот на ЕУ која ја остава Лондон со неговото заминување. Досега богатите издвојуваа по 1 процент од БДП на ЕУ. Франција бара тоа сега да се зголеми на 1,03 отсто, додека Европската комисија очекува 1,13 проценти. Тие промили се преведуваат во дополнителни милијарди евра годишно за големите плаќачи како Германија- чии политичари веќе долго се жалат дека се преоптоварени и бараат попуст. И да се договорат кој колку ќе плаќа, останува големата дилема: како ќе се трошат парите. Париз инсистира со тие средства и натаму да се субвенционираат француските земјоделци, додека Берлин сака пренамена на парите во иновации и инвестиции. И тука некаде доаѓаме до Макрон и неговата забелешка дека некои големи земји сакаат проширување, но не сакаат да го зголемат своето учество во ЕУ буџетот над досегашниот 1 процент. Со други зборови, ако сакате проширување- финансирајте си го!
Проширувањето наскоро нема да се врати на агендата на ЕУ, ниту на земјите-членки. Шокот од случувањата во Брисел е преголем за сите. Ветувањата дека дебатата ќе се отвори на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб следната пролет, се само обид да се денфува моменталното незадоволство. Доколку работите воопшто мрднат од мртва точка, тоа ќе биде дури за време на германското претседателство со ЕУ во втората половина на следната година, со неизвесен исход. Тогаш се очекува и конечен договор за седумгодишниот буџет на ЕУ.
Од пораз до трагедија
Што ќе прави Северна Македонија дотогаш е друго прашање. Уште со аферата „Рекет“ државата влезе во политичка криза, која во наредниот период може да земе вртоглави размери. Европската перспектива де-факто, и барем на среден рок, е загубена, а алтернативи нема.
Фијаското на самитот во Брисел е втор Букурешт за земјата, на многу начини, дури и поопасен од оној првиот. Во 2008 година имавме јасна насока каде е излезот- во решавањето на спорот за името. Овојпат, никој не може ниту да процени што ќе се случува со политиката на проширување на ЕУ. Новата Европска комисија веќе доцни со преземањето на функциите. Скопје таму има сојузници, во прв ред претседателката Урсула фон дер Лајен, но и новиот шеф на европската дипломатија Јозеп Борел кој веќе најави дека Западниот Балкан ќе му биде приоритет, а првата посета ќе му биде на Приштина. Но како и да е, пред почетокот на Новата година нема да има јасна слика како новата европска влада планира да продолжи натаму со проширувањето, настрана што Самитот во Брисел јасно покажа дека желбите на европските институции се едно, а плановите на земјите-членки сосема друго.
За Македонија сега е многу важно националниот пораз да не стане (нова) национална трагедија. Пост-2008 видовме каде можат да не одведат разочарувањето и популизмот. Но знаците на патот не се добри.
Премиерот Зоран Заев денеска вети продолжување на европскиот пат. Прашање е дали неговата партија, па и општеството, имаат сила да го изодат тој пат без поддршка и контрола од ЕУ и САД, и поважно: што ќе им биде поттикот за тоа? Првите сигнали за засилен економски популизам од Владата веќе се емитуваат. „Правиот пат“ на СДСМ со недели води кон избори, со или без датум за преговори. И контурите на кампањата на владејачката партија веќе ги слушнавме во излагањето на Заев: „дали патот на европски вредности, развој и просперитет, или мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти“.
Во продавањето на својата нова приказна, Заев ќе ја има поддршка на државниот буџет и на меѓународната заедница, но проблемите ќе се множат.
Проблемите ќе се множат
Покрај очекуваната разврска на споменатиот „Рекет“, најпрво, во декември ќе стигне оценката од Венецијанската комисија за Законот за јазици. Што ќе пишува во неа, помалку или повеќе, веќе видовме во нацрт-заклучокот и таа оценка ќе ги исправи досегашните партнери СДСМ и ДУИ пред нов предизвик, а опозицијата по секоја цена ќе се обидува да профитира од тоа. Доколку СДСМ одлучи да попушти под притисок на експертите и јавноста и да се обиде да го менува законот, тоа ќе предизвика силен курцшлус во општеството кој може да ги разбранува меѓуетничките односи. Ни ДУИ, ниту останатите албански политички партии нема да дозволат интервенции во него, особено не во предизборие. Доколку законот не се менува, ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште една политичка „бонбона“ во месеците до изборите.
И прашањето за пописот неминовно ќе замине ад-акта, иако Заев и натаму инсистира дека „во буџетот за 2020 се подготвени средства за тоа“. Но темата несомнено ќе предизвика политички турбуленции. Инсистирањето пописот да се одржи отвора судир и со ДУИ и со ВМРО-ДПМНЕ, неговото одложување на контото става уште едно неисполнето политичко ветување.
И проблемот не е тоа што овие теми ќе се отвораат и ќе предизвикуваат потреси на политичката сцена. Не. Но, наместо дебата за тоа каде одиме и како да стигнеме дотаму, целиот наратив ќе се врати онаму каде што последен пат беше во 2016/17 година: меѓуетнички односи, разно-разни домашни и странски платформи, лов на вештерки, хистерија...
Да не забораваме дека САД испраќаат дури двајца емисари, со не баш унисони позиции, да го решаваат српско-косовскиот проблем, а со него одново ќе се отворат и регионалните фрустрации. Без оглед на конечното решение, и со НАТО и без него, за Северна Македонија нема да биде едноставно.
Како ќе се однесува опозицијата во следниот период е уште една равенка со многу непознати. Уште на ден пред заклучокот од самитот Христијан Мицкоски тргна остро во „последна пресметка“ и „улични протести“. По неколку „забелешки" од меѓународните претставници веќе следниот ден се задоволи со оставка на владата и вонредни избори „по период на реформи и техничка влада“. Толку брзо го смени вокабуларот што патем не стигна да објасни ни дали неговата „последна пресметка“ е продолжение на „пресметката“ (и таа беше „последна“) која ја започна неговиот политички ментор Никола Груевски во 2009 година, или тој има апдејтирана листа на непријатели? Нејсе, можеби Мицкоски сакаше само да го смири членството во неизвесност од реакцијата на власта по катастрофалната порака од Брисел.
Но паралелите со атмосферата и пораките кои стигнуваа по фијаското во Букурешт се евидентни не само поради ставовите на Мицкоски, туку и поради одлуката на владата да игра со истото сценарио- брзи предвремени избори- иако, за волја на вистината, со поинаква приказна.
Датум за изборен датум
И бидејќи навикнавме да чекаме датуми сега ќе ги чекаме нашите лидери да договорат термин за одржување на предвремените избори. Датумот на одржувањето на изборите нема да биде беззначаен, иако не и решавачки за нивниот исход. Заев е можеби разочаран и гневен, но не е луд да не ја искористи шансата да биде премиерот кој ќе ја внесе земјата во НАТО. Проценките се дека формалниот влез во Алијансата ќе се случи во февруари следната година, па за очекување е дека тој датум ќе фигурира високо во кампањата за изборите, ако дојде „нож до коска“ и со прослава на плоштадите низ земјава. Оттука, тешко е да се очекува гласање пред крајот на февруари. Не дека поддршка од странците може многу да влијае врз изборниот резултат, како што видовме и на референдумот, но добрата вест за Заев е што на билбордите во неговата кампања веројатно повторно ќе можеме да ги видиме насмеаните лица на европските и светски државници кои ќе ги фалат неговите постигнувања и секако историскиот Преспански договор. Мицкоски, кој тие надежи ги загуби на референдумот, не може да смета на широка поддршка, но веројатно ќе му доаѓа ветер в грб од Франција и нејзините дипломати кои на тој начин ќе сакаат да ја заокружат приказната за лошиот регион кој нема што да бара во ЕУ. Секако и од Орбан кој, види чудо, откако прими еден азилант, ја загуби острината во поддршката на европските интеграции на земјава.
И на крајот ќе остане и последното, но не и најмалку важно прашање: Кој (и за што) ќе гласа на изборите?