Вучиќ и Тачи, другари во пропаганда
30 март 2018Секогаш кога имаме инцидент помеѓу Белград и Приштина, треба да се запрашаме: Добро, што е тука премногу? Вишок реалност во понеделникот во северниот дел на Митровица имаше на сите страни, а во деновите пред нас и Белград и Приштина тоа ќе го користат во голема мерка, пред сѐ за внатрешна пропаганда.
Спорењето околу тоа кој имал право да дојде на тркалезната маса во Митровица, а кој имал право да го забрани доаѓањето сѐ уште трае, но едно е сигурно: двете страни можеа го да спречат инцидентот. Белград - така што би го одложил доаѓањето на делегацијата за ден или два, а Приштина - така што не би опструирала. Цивилите и долгите цевки не треба да се мешаат, особено затоа што тие не му беа потребни на РОСУ за целосна контрола врз ситуацијата. Ништо помалку не беше излишен ни третманот на цивилите за време на приведувањето на Марко Ѓуриќ, а за трофејното парадирање по улиците не треба да се трошат зборови. Единствена причина за кој било да го придржува Ѓуриќ е неговото комплетно и безбројпати демонстрирано отсуство на рбет, а „сите боречки зафати служеа исклучиво како демонстрација на сила. Причините не е тешко да се претпостават.
Повеќе на темата:
-Смислена драматургија на Србија и Косово?
-Драма во Митровица, ЕУ повикува на смирување на состојбата
Во последните месеци видовме низа сигнали оти забрзано се работи на договорот меѓу српските и косовските власти. Официјална Приштина пред својата јавност не смее да покаже никаков знак на попуштање кон српска страна затоа што веќе долго време е изложена на притисок од движењето „Самоопределување“ на Албин Курти. Каква било отстапка би била моќно оружје за Курти на наредните избори и веројатно би оневозможило формирање на мнозинство без него. Агресивното прекинување на тркалезната маса во Митровица, апсењето на Ѓуриќ и шок бомбите под нозете послужија како доказ дека косовските власти имаат намера да бидат тврд преговарач.
Инцидентот добро му дојде на Белгад. На Вучиќ му претстои непријатен чин на склучување на правно обврзувачки договор со Косово, кој вклучува отворање на патот кон ОН и некоја форма на признавање на независноста на Косово. Макијавелистичккиот дел од преговорите, воден надвор од очите на јавноста, несомнено вклучувал и одредени отстапки кон Србија, со што властите на граѓаните би им понудиле нешто што може да се претстави како дипломатска победа.
Меѓутоа, од враќањето на американската дипломатија во преговарачкиот процес може да почувствува промената на тонот- отстапките, како на пример формирањето на Заедница на српски општини, изостанувваат и нервозата се зголемува, а со неа се зголемуваат и слабо обмислените потези на Вучиќ, како што е агресивното инсистирање на учеството на српските официјални претставници на тркалезната маса во Митровица. „Јас ви велам, ќе дадете. Дале, не дале, тие ќе учествуваат во Северна Миторивица, да ве видам што ќе направите по тоа прашање“, порача Вучиќ. Ќе излезе дека ваквиот блеф не бил најмудриот потег, бидејќи одговорот стигна во вид на единица на РОСУ вооружена со хеклери.
Насловните страни на белградските таблоиди создадоа уште една симулација на воена состојба во насловите, во кои доминираа „војна“, „хаос“ и слични катаклизмични термини. Особен успех во подгревањето на колективната психоза е остварен, секако, во јужна Србија, каде до вечерта почнаа да кружат гласини дека војската се мобилизира и тргнува кон границата со Косово. За неколку часа дојдовме во необична ситуација да знаеме во детали што на Марко Ѓуриќ му викале припадниците на РОСУ во „марицата“, но што била содржината на тајниот состанок меѓу Вучиќ и Тачи во САД остана мистерија. Во општата медиумска шума, не изгледаше дека тоа некого веќе го интересира. За луѓето кои под Милошевиќ истуркаа цела деценија воена состојба навистина не е препорачливо да им се вика в лице дека се на прагот на нова војна, особено во кризни ситуации. Но, таблоидите на јавноста ѝ сервираат ваков вид масовна хистерија секој месец, а инцидентите како овој во Митровица се идеална можност да се распостелат.
Повторно неизоставна беше и дозата на повикување на руската воена помош. За медиумите под директна или индиректна контрола на власта, Русија служи како тотем за проекција на национализам: со оглед дека е тешко сопствената нација час да се прикажува како просперитетна и силна, час како народ на раб на уништување, Русија во псевдопатриотскиот имагинариум служи како Србија на стероиди. Таа е непобедлива империја, која, како Мујо во вицот, секогаш на крајот ги зафркнува Англичаните и Германците. Путин на насловните страници час се мурти, час облекува униформа, со што јавноста добива порака дека во случај на ескалација на судирот не треба да се грижи, зашто Русија би се вмешала и би нѐ заштитила. Сите се сеќаваме како тоа изгледаше минатиот пат, но ако пишува во весниците, мора и да е вистина, зарем не?
Еден од првите знаци за воведување на државата во воена состојба секогаш е милитаризацијата на оние делови од јавниот простор, на кои на војската не ѝ е место. На пример, вечерта кога започна бомбардирањето во 1999 година, РТС ненајавено го пушти филмот „Бој на Косово“. Во текот на филмот следуваше и кајрон на кој беше потврдено она од што стравувавме. „Милитаријалити“-шоуто во понеделникот загрижувачки наликуваше на таков момент.
Чуму воопшто служи војната која се одвива само на насловните страници на табоидите? Нејзината намена е двострана. Доколку е изведена доволно увериво, таа е сигнал дека властите во Белград се подготвени да го заострат судирот, со што отвораат можност да играат на картата на Милошевиќ - „гарант на мирот и стабилноста“, со желба да ја зајакнат позицијата во преговорите со Приштина. Другата намена е далеку попрозаична: како што косовските власти сакаат да го докажат својот патриотизам, спектакуларно апсејќи го Ѓуриќ со хеклери и шок бомби, така и Вучиќ мора да докаже дека за Косово е подготвен и да војува ако е потребно. Дел од јавноста спонтано ќе го проголта признавањето на независноста на Косово ако како алтернатива му се претстави нова војна. „Сакате ли да војувате? Тоа ли го сакате?“
Па сепак, клучен проблем со апокалиптичните воено-подбуцнувачки наслови не е во тоа што создаваат уште кулиси за потребите на власта, туку тоа што кулисите се запалливи. Иако инцидентот во Митровица би можел да остане само хаотично изведена драма со цел зголемување на политичкиот капитал на сметките на Вучиќ и на Тачи, факт е дека на власт имаме човек кој поради опстанокот на власт нема проблем да ги разорува институциите на сопствената земја. Не е невозможно во случај на проценка дека тоа би ми донело корист, тој да ризикува натамошна ескалација. На крајот од краиштата, во средата борбени авиони на Србија го надлетуваа Косово.