1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерална проба за турскиот претседателски систем

Рајнхард Баумгартен/превод:ЗЈ22 јули 2016

Вонредната состојба му дава на претседателот Ердоган далекусежни овластувања. Обидот за пуч беше енормна опасност за демократијата во Турција, но исто така е и она што сега се случува – смета Рајнхард Баумгартен.

https://p.dw.com/p/1JTLo
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Претседателот Ердоган го доби тоа што му требаше: три месеци може со декрети да решава за судбински работи за земјата. Тој тоа го прави веќе подолго време, но сега ја има и неопходната уставно-правна подлога. Тоа му е важно и затоа тој безусловно сака да се направи промена на уставот, со која би бил воведен претседателски систем.

Копнежот на Ердоган за демокатски легитимитет

Во основа би можело да му биде и сеедно, оти ионака веќе де факто ја врши власта. Но, нему му е енормно важно да добие демократско легитимирање на неговата тотална власт. Со тоа поентира кај своите приврзаници. Во секоја пригода укажува на тоа дека е првиот од народот избран претседател на Република Турција. „Пучот е дар од Бога“, рече тој уште во ноќта на пучот. Ердоган ја користи можноста за да се пресмета со вистинските и наводните противници.

Reinhard Baumgarten
Рајнхард Баумгартен е дописник на АРД од ИстанбулФотографија: SWR/Kluge

Воведената вонредна состојба тој ќе ја искористи како генерална проба. Ќе разделува и ќе владее, со својот начин на владеење уште повеќе ќе го подели населението на оние кои се за него или против него. Тоа го покажуваат изминатите денови и ноќи. Натамошно ќе се зголемува поларизацијата во општеството.

Но, при сета скепса спрема Ердоган, не смее да се превиди во колку опасна ситуација се наоѓаше Турција во ноќта на пучот. Многуте мерки на Ердоган, кои ја поткопуваат демократијата, во Германија предизвикаа извесна исконска недоверба кон него. Но, колку повеќе се дознаваат подробности за плановите и целите на пучистите, толку повеќе човек мора да се згрозува. Воена хунта би донела многу страдање во земјата и години, ако не и децении би ја уназадила.

Пучот не смее да биде искористен за контраудар

Турција за влакно избегна можна катастрофа. Но, од друга страна, сега мора да биде гарантирано дека пучот нема да биде искористен за контраудар. Претседателот Ердоган не смее да ја искористи вонредната состојба за таканаречен „бел пуч“ за да ги оствари своите политички цели. Но, со оглед на политичката реалност во Турција, ова изгледа како пуста желба. Пучистите долго се подготвувале за обидот за преврат. Ердоган уште подолго се подготвувал за она што тој го нарекува чистење и што го започна уште во текот на ноќта на пучот. Фактот колку многу вистински или наводни приврзаници на Ѓулен имало во неговото најблиско опкружување, дополнително ќе ја поттикне неговата намера за чистење. А во најлош случај, уште повеќе ќе ја распали политичката параноја на турскиот политички врв дека е опкружен со непријатели и заговорници.