1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генчовска: Имаме џентлменски договор со Скопје

ДТЗ
6 јули 2022

Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска најавува дипломатски мерки против говорот на омраза, по протестите коишто се одржуваат во Скопје.

https://p.dw.com/p/4Dln6
 Teodora Genchovska
Фотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

„Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пред некој ден дека протоколите се затворени. Се надевам дека стои на зборот. Јас ќе стојам на моето ветување - нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ја почитуваат одлуката на Народното собрание“, изјави министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред бугарските новинари, одговарајќи на прашањето дали се подготвени протоколите на Софија и Скопје кои се дел од предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Унијата. 

Дали е усогласен Протоколот? 

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи на 1 јули во Скопје изјави дека протоколот е усогласен во МНР, но треба да го одобри Владата, којашто ќе го разгледа во рамки на целиот пакет. „Пакетот има европска и билатерална компонента. Билатералната компонента е протоколот и тој веќе не е во европскиот пакет, туку е билатерален со Република Бугарија, но е дел од овој процес за Бугарија да даде согласност за пакетот“, изјави Османи на денешната прес-конференција во Владата по средбата на владината коалиција.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, пак, денеска изјави дека е прашање на часови или денови додека да се усогласи протоколот со Бугарија. 

Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov in Rom, Italien
Дали е усогласен или не Протоколот со Бугарија?Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Што содржи документот? 

Од моментот кога беше објавен првичниот француски предлог за надминување на бугарската блокада на Северна Македонија во ЕУ, ткн. Протокол односно записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија стана една од клучните точки во анализите за (не)прифатливоста на предлогот. Во последната верзија на францускиот предлог која ја објави и македонската влада, Протоколот повеќе не се споменува директно во Преговарачката рамка. На негово место сега се зборува за „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Членот 12 алудира на Договорот за добрососедство кој Северна Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година. Во недостаток на официјален документ од македонска страна, ДВ го објави Протоколот кој бугарската министерка за надворешни работи Генчовска го испрати до Комисијата за надворешна политика во Софија, во пресрет на нејзиниот настап пред истата на 23 јуни годинава. 

Дипломатски мерки за говорот на омраза 

„Работа на македонските власти е да го запрат јазикот на омраза. Како што знаете, одамна повикуваме на малку трпение Македонците да си ја завршат работата. Тие само треба да го убедат своето општество што да прави во врска со предлогот на француското претседателство со ЕУ. Ќе преземеме дипломатски мерки против говорот на омраза - повикување на привремениот претставник на амбасадата, предавање протестна нота и слично“, вели Генчовска..

Како што пренесува „24 часа“, Генчовска смета дека со процедурите кои се во тек во Скопје, земјата очигледно нема интерес да се забрза процесот, поради што многу земји-членки на ЕУ веќе зборуваат за поделба на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема