1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: АстраЗенека само за постари од 60 години

СН/агенции
30 март 2021

По појавата на натамошни случаи на церебрална венска тромбоза по вакцинирање со АстраЗенека во Германија, здравствените власти ја променија препораката за вакцината.

https://p.dw.com/p/3rOtm
Corona-Impfung
Фотографија: Matthias Stolt/CHROMEORANGE/picture alliance

Според одлуката на сојузниот и покраинските министри за здравство, вакцината против коронавирусот на шведско-британскиот производител АстраЗенека од утре ќе се користи само за лица постари од 60 години. 

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан и неговите колеги од покраините се согласија да се состанат за брза кризна средба откако повеќе сојузни покраини во текот на денешниот ден превентивно ја запреа вакцинацијата со АстраЗенека.

Германската Комисија за вакцини (Стико) денеска препорача употребата на вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека да се користи само за лица над 60 години. „Одлуката е донесена врз основа на достапните податоци во моментов за појавата на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со церебрална синусна венска тромбоза“, соопштија од Стико.

Ќе има дополнителни препораки за лицата под 60 години кои веќе ја примиле првата доза од оваа вакцина, а требаа да ја примат втората доза до крајот на април.

Повеќе:

-АстраЗенека - ЕМА ги развеа дилемите околу вакцината

-ЕМА: Вакцината АстраЗенека е безбедна

-Вакцината АстраЗенека и тромбоза - кое е објаснувањето?

Лицата под 60 години ќе можат да продолжат да се вакцинираат со оваа вакцина откако матичен лекар со индивидуална анализа ќе процени дали постојат ризици од несакани ефекти. Околу 2,7 милиони Германци досега се вакцинираа со вакцината на АстраЗенека.

Во Германија, досега се познати 31 сомнителен случај на церебрална венска тромбоза по вакцинирањето со АстраЗенека, објави Институтот Паул Ерлих.  До понеделникот напладне (29 март), пријавени се 31 случај во институтот, а пријавени се и дополнителни 19 случаи на тромбоцитопенија.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Во девет случаи, исходот бил фатален, како што објави институтот од градот Ланген, одговорен за безбедноста на вакцините. Со исклучок на два случаи, според Институтот Паул Ерлих, сите извештаи се однесуваат на жени на возраст од 20 до 63 години. Во другите два случаи станува збор за мажи на воздраст од 36 и 57 години.

Сојузните покраини Берлин, Бранденбург, Северна Рајна-Вестфалија и градот Минхен, како и некои клиники уште во текот на денот  ги суспендираа сите вакцинации за помлади од 60 години со вакцината АстраЗенека до новата препорака на здравствените власти.