Рот: За решавање на историски прашања треба време
26 ноември 2020Германското претседателство со ЕУ е во секојдневен близок контакт со Северна Македонија и Бугарија во потрага по решение за спорот кое би го отворило патот за почеток на пристапните преговори во декември годинава, вели за Ди Велт германскиот министер за Европа Михаел Рот. Тој и вицепремиерот Никола Димитров дадоа заедничко интервју за денешниот број на весникот Ди Велт во кое ги објаснуваат позициите на Берлин и Скопје и бараат поголема подготвеност на компромис од Софија.
Рот потенцира дека на состанокот на Советот на министри, „речиси сите делегации“ ставиле до знаење дека билатералните проблеми треба да се решаваат меѓу двете земји, уште еднаш, де-факто, отфрлајќи ја можноста тие да се внесат во Преговарачката рамка.
Тој вели дека мора да се расчисти кои прашања „се потребни“ за пристапните преговори, а останатите ги дефинира како „билатерални проблеми“, кои, според бугарската страна, произлегуваат од несоодветното спроведување на Договорот за пријателство. Германскиот министер смета дека билатералните проблеми треба да се решаваат „чекор по чекор“ низ „структуриран процес".
„Таквите пречки од минатото претставуваат многу чувствителни конфликти. За нив треба време и не може да се решат во рок од неколку недели. Бугарија и Северна Македонија основаа комисија на историчари. Такво нешто не се случува преку ноќ. Па со оглед на тоа, ова не би требало да го оневозможи почетокот на пристапните преговори и отворањето на меѓувладината конференција во декември“, вели Рот.
Димитров во интервјуто вели дека не може да се дозволи прашањето за идентитетот да биде „предуслов за европска иднина".
„Не е исправно Македонците во 2020 година да се одлучуваат за тоа дали сакаат да останат Македонци или да станат Европјани. Тоа си оди едно со друго, а предизвикот за национален идентитет во Европа е предизвик за Европа, бидејќи Европа е заедница на вредности која ја цени нејзината разноликост".
„Европската Унија, врз основа на Договорот од Лисабон, е Унија која ја почитува културната и јазичната разноликост. И навистина е тешко да им се објасни на граѓаните на Република Северна Македонија како дојде до тоа, нивниот јазик, македонскиот јазик, да биде пречка за пристап кон една заедница која ја цени јазичната разноликост како особено богатство. А, исто така, тешко е да се објасни и тоа зошто јазикот претставува пречка на патот кон добрососедските односи, кои патем треба да се засноваат на меѓусебна почит", вели во разговорот за Ди Велт, вицепремиерот Димитров.