1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија почнува со донација на вакцини во странство

Кај-Александер Шолц
31 јули 2021

Од август ширум светот ќе почнат да се дистрибуираат првите дози вакцини кои се донација од Германија. Подготовките за тоа се во тек. Политичарите очекуваат дека со ова ќе решат уште еден проблем

https://p.dw.com/p/3yKpx
Symbolbilder COVID-19-Vektor-Impfstoff
Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/picture alliance

Околу 60% од Германците во моментов имаат примено барем по една доза вакцина. Политичарите веруваат дека е постигната првичната цел и оти досега „секому, кој имал интерес за вакцинирање, во Германија му било овозможено тоа“, се вели во извештајот за кампањата за вакцинирање на германското Министерство за здравство од 26 јули во кое ДВ имаше увид.

Но, интересот за вакцинација опаѓа. И покрај тоа, во третиот квартал, од јули до септември, се очекува во земјата да пристигнат уште 100 милиони дози. Бројот на вакцини кои стојат на располагање ја надминува актуелната побарувачка. На располагање во моментов има двојно повеќе вакцини. Поради тоа, германската влада најави дека до крајот на 2021 година ќе донира во странство најмалку 30 милиони дози. Владата уште во јуни донесе одлука дека ќе се донираат вакцини од АстраЗенека и Џонсон и Џонсон.

Да се собере вишокот вакцини од покраините

Сега треба да се започне со собирање на вакцините за донација. Надлежно е германското Министерство за здравство, кое треба да понуди централен план – така одлучија покраинските министри за здравство на состанокот на 19 јули.

Тука лежи предизвикот – дозите вакцини кои треба да се донираат мора прво да се соберат од покраините. Оти не само што генерално има вишок вакцини, туку во меѓувреме голем дел се распределени на локално ниво. Има многу неискористени дози во покраинските центри за вакцинација, како и кај матичните лекари. Овие дози мора да се вратат назад во складиштето каде се чуваат вакцините на сојузно ниво.

Повеќе:

Награда – пржен колбас, предизвика навала за вакцинирање

Привилегии за вакцинираните во Германија?

Германија ги заостри мерките за влез на невакцинирани патници

Планот како ќе се спроведува сето ова сѐ уште не е готов. Според извештајот на Министерството за здравство, покраините „го подготвуваат процесот“. Мора да се обезбеди дека вакцините се со добар квалитет и определен рок на траење.

Во секој случај не може матичните лекари сами да ги донираат во странство неискористените дози. Неодамна дел од лекарите се пожалија дека има земји на кои итно им се потребни вакцини, а во Германија наскоро може да им истече рокот. „Поради законски пречки не може приватни ординации, општини или покраини да донираат во странство вакцини за Ковид-19 набавени на сојузно ниво преку Министерството за здравство, бидејќи за тоа е надлежна сојузната влада“, велат од Министерството на прашање на ДВ.

Symbolbild I Coronavirus I Impf-Müdigkeit
Поради недоволна подготвеност за вакцинирање, многу центри за вакцинација во Германија се празниФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Голем дел од донацијата ќе оди преку КОВАКС

Од 31-та календарска недела, односно од втори август ќе бидат испорачани првите дози за КОВАКС-системот, велат за ДВ од Министерството за здравство. Договорот за тоа се финализира.

КОВАКС е кратенка за „Covid-19 Vaccines Global Access" (Глобален пристап до Ковид 19 вакцини) – глобална иницијатива за вакцинација со која треба да се намали јазот во достапноста на вакцините помеѓу индустриските и земјите во развој.

Германија не е предводник во донирањето, туку првиот чекор неодамна го направи Шпанија. Според сојузната Влада, четири од пет донирани дози треба да одат во КОВАКС системот, од каде потоа решаваат во кои места во светот ќе бидат испорачани. 

„Леб за светот“, невладина организација на евангелистичката црква во Германија, апелира овој процес да се забрза. На пример, во Африка во моментов  вакциниран само минимален дел од населението. Оттука, важно е брзо да се реагира, бидејќи третиот тежок бран во Африка однесе многу човечки животи, велат од оваа организација за ДВ. Во идеален случај КОВАКС требало да има многу повеќе вакцини на располагање уште од самиот почеток, отколку што тоа беше во реалноста, критикуваат од организацијата.

Ghana | AstraZeneca | COVAX-Impfstoff
Од втори август ќе бидат испорачани првите дози за КОВАКС-системотФотографија: Francis Kororoko/REUTERS

Три милиони дози вакцини за Западен Балкан

Германија одлучи да не донира само во КОВАКС системот, туку и директно на одредени земји. Тоа треба да бидат 20% од донираните вакцини. Во најголем дел ќе се донира во земјите од Западниот Балкан, како и во земјите од источното партнерство, како Украина или Ерменија, но и во Намибија. Само за Западниот Балкан се предвидени 3 милиони дози вакцини.

Сѐ уште е нејасно кога ќе се реализира планот. Таканаречените билатерални донации треба да започнат „што е можно побрзо“, велат од Министерството за здравство за ДВ. Но, детали засега не се споделуваат.

Südafrika stoppt Impfungen mit Astrazeneca-Vakzin
Во Африка во моментов е вакциниран само минимален дел од населениетоФотографија: Jerome Delay/AP/dpa/picture alliance

Критики за „вакциналната дипломатија“ на земјите донатори

Билатералните донации не се целосно неспорни. Критичарите велат дека се користат за да се остварат некакви стратешки цели на земјите донатори и се дел од „вакцинска дипломатија“.

Од организацијата „Леб за светот“, пак, не гледаат толку голем проблем во ова. Билатералните договори за донација „не се идеални, но се спроведуваат во региони во кои нема вакцини, па и ова е подобро отколку ништо.“

Планираните 30 милиони дози од Германија, според организацијата „Леб за светот“, се добра појдовна точка, но се само еден дел од она што е реално потребно. Од организацијата тврдат дека само „проширување на капацитетите“ може „да нѐ однесе напред“. Првите чекори се направени барем со производствените капацитети за вакцини на локално ниво. Но, на дневен ред мора да се стави и слободно користење на лиценците за производство, нешто што уште од октомври 2020 година го бараат Индија и Јужна Африка.