1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија „верен партнер и пријател“ на Израел

Клеменс Ференкоте, Тел Авив19 март 2008

Германија и Израел се поврзани со историјата, сеќавањето на геноцидот врз Евреите мора да се одржува, рече германскиот канцелар Ангела Меркел во говорот пред израелскиот парламент - Кнесетот.

https://p.dw.com/p/DQzv
Ангела Меркел - говор на вонредната седница на израелскиот парламентФотографија: AP
Ангела Меркел на почетокот на хебрејски се заблагодари за честа што и’ беше укажана со можноста да зборува во парламентот. Таа е прв шеф на влада кому му беше укажана таква чест, инаку резервирана само за шефови на држави. Потоа зборуваше на германски, иако непосредно пред нејзиниот настап неколкумина пратеници образложија зошто не сакаат да го слушаат тој јазик во Кнесетот. Меркел рече дека убиството на шест милиони Евреи е „беспримерен слом на цивилизацијата“: „Холокаустот не исполнува со срам нас Германците. Се поклонувам пред жртвите, пред преживеаните и пред сите што им помогнаа да преживеат“. Потоа таа нагласи: „Само ако Германија опстојува врз својата вечна одговорност за моралната катастрофа во германската историја, ќе можеме човечки да ја креираме иднината“. Во Германија и Европа никогаш не смеат повторно да пуштат корења антисемитизмот, расизмот и непријателството спрема странците.
Атомската програма и иранските закани против Израел - опасност за мирот и безбедноста
Меркел се осврна на анкетите во Европа, според кои најголема опасност за светот произлегува од Израел, а не од Иран и рече дека јавното мислење нема да ги одврати политичарите од натамошни и поостри санкции против Иран за да ја запре својата атомска програма. Посебен повод за загриженост се заканите на претседателот на таа земја против Израел и еврејскиот народ. „Неговите повеќе пати повторени навреди и иранската атомска програма се опасност за мирот и безбедноста. Уништувачки последици би имало ако Иран дојде во посед на атомска бомба“.
Германија нема никогаш да го остави Израел сам
Меркел го нагласи значењето на безбедноста на Израел за неа како канцелар. Таа побара да запрат нападите со Касам-ракети од страна на Хамас, кои, според неа, се злосторство, а не решение за блискоисточниот конфликт. Меркел се воздржа од критика на политиката на Израел на градење населби на палестинските територии. Германско-израелските односи таа ги означи како извонредни и искажа желба за натамошно јакнење на врските и довербата меѓу двете држави. Германија нема никогаш да го остави Израел сам, туку ќе му биде „верен партнер и пријател“. На крајот Меркел на хебрејски искажа честитки по повод 60-годишнината од создавањето на еврејската држава. Нејзиниот настап беше поздравен со долготраен аплауз.